Некои селектори сметаат дека ќе бидат потребни поголеми состави во случај на позитивни тестови во нивниот табор, со оглед на тоа што нема простор за одложување на натпреварите
Европската фудбалска унија (УЕФА) размислува да дозволи повеќе од 23 фудбалери во составите на репрезентациите учеснички на Европското првенство (ЕП) летово и потврди дека ќе се применува правилото за пет измени на играчи по натпревар, наместо по три, пишува „Би-би-си“.
Поради зголемениот број новозаразени од коронавирусот низ Европа, некои селектори сметаат дека ќе бидат потребни поголеми состави во случај на позитивни тестови во нивниот табор, со оглед на тоа што нема простор за одложување на натпреварите. Останува нејасно и дали дополнителните играчи ќе бидат во главниот состав или ќе бидат ставени на листа на чекање.
УЕФА соопшти дека одлуката за по пет измени е донесена затоа што „веќе постои такво правило на квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство (СП), кои ќе траат од март 2021 година до март 2022 година“. УЕФА додава дека ова правило ќе важи и за финалето на Лигата на нации (ЛН) во октомври и при разигрувањето за испаѓање во март в година. По пет измени веќе се дозволени на натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), како и во повеќето домашни лиги во Европа.
УЕФА до среда треба да добие јасни насоки од секој од 12-те града за нивната способност да бидат домаќини на натпреварите и за потенцијалната бројка гледачи на стадионите. Тогаш ќе треба да се утврди дали натпреварувањето ќе се одвива според планираното или некои градови-домаќини ќе бидат изземени. Покрај тоа, потребни се олеснувања при патувањата за судиите на натпреварите и потенцијално за медиумите, бидејќи, како што стојат работите, ниту една репрезентација не ќе може да стигне до полуфиналето без да мора да игра најмалку во два града.