Во извештајот на ФИФА за глобалниот пазар на трансфери во 2020-та се наведува дека имало 17.077 зделки (во рекордни 4.178 клуба), што е пад за 5,4 отсто во споредба со 2019 година

СПОРЕД ФИФА

Пандемијата на коронавирусот предизвика пад на бројот на меѓународни трансфери во фудбалот во 2020 година, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). Во извештајот на ФИФА за глобалниот пазар на трансфери во 2020-та се наведува дека имало 17.077 зделки (во рекордни 4.178 клуба), што е пад за 5,4 отсто во споредба со 2019 година. Во извештајот првпат се наведени и трансферите во аматерскиот фудбал во светот. Во претходните шест месеци откако се води таква евиденција се забележани 17.382 такви трансфери, за мажи и за жени.
– Трендот на опаѓање очигледно се должи на ефектите од пандемијата на ковид-19 – пишува, меѓу другото, во извештајот на ФИФА.
Сепак, тие бројки за 2020 година уште се поголеми од оние за 2018 година, кога биле регистрирани 16.547 трансфери. Во јануари 2020 година, пред пандемијата, бројката на трансфери се зголемила за 9,2 отсто во споредба со истиот месец во 2019 година, пишува во извештајот.

Има намалување и на потрошените пари за трансфери во 2020 година, кои изнесуваат 5,63 милијарди долари, што е пад за 23,4 проценти во однос на 2019 година. Англиските клубови вложиле најмногу, 1,63 милијарда долари, а зад нив следуваат италијанските со 731,5 милион. Шпанските клубови, пак, заработиле најмногу од трансфери, 785,5 милиони долари, според ФИФА. ФИФА наведува дека 10-те највредни зделки учествуваат со 15 проценти во вкупната годишна потрошувачка.
Во фудбалот за жени продолжува растот на потрошувачката за трансфери, со 1.035 регистрирани меѓународни зделки во 2020-та, што е пораст од 23,7 отсто.