Фото: Игор Бансколиев

Полуфиналниот меч Македонија – Косово во Лигата на нациите за пласман на Европското првенство в година се игра вечерва во Скопје (20.45 ч.). Победникот ќе игра во финалето, во ноември, на теренот на подобриот од дуелот Грузија – Белорусија. Поуспешниот во финалето, пак, ќе се пласира на ЕП 2021

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ, ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Важен меч, или историски, како што го нарекуваат во двете репрезентации, е вечерашниот полуфинален плејоф-дуел Македонија – Косово во Лигата на нациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, во Скопје (арена „Тодор Проески“, од 20.45 часот). Македонските репрезентативци во мирна атмосфера деновиве тренираа во Скопје, речиси во комплетен состав (отсуствува Елиф Елмас). Нема повредени, што значи дека селекторот Игор Ангеловски ќе може да смета на најдобрите, предводени од најискусниот, капитенот Горан Пандев.
– Нијанси ќе го решат натпреварот. Имаме голема желба да победиме. Треба со студени глави да влеземе во мечот. Штета е што натпреварот ќе се игра без публика и што и двете репрезентации нема да бидат комплетни. За мене ова е последна шанса да заиграм на ЕП. Играњето за Интер во 2010 година против Баерн не може да се спореди со играње во репрезентација. Тоа се различни емоции – рече Пандев.
Селекторот Ангеловски рече дека на овој историски меч Македонија чека 30 години и оти очекува победа и пласман во плејоф-финалето.

– На денешниот меч очекувам најдобро издание на Македонија. Долго го чекаме овој меч. Ќе играме во чудни услови, но мора да се адаптираме и не се сомневам дека ќе дадеме максимум. Треба да одиграме мирно, противникот е анализиран и се надевам на победа – рече Ангеловски.
Победникот на средбата ќе игра во финалето на плејофот, во ноември, на теренот на подобриот од дуелот Грузија – Белорусија. Поуспешниот во финалето, пак, ќе се пласира на ЕП 2021. 


ЛИГА НА НАЦИИ, ПЛЕЈОФ, ПОЛУФИНАЛЕ

Лига А
Бугарија – Унгарија 20.45 ч.
Исланд – Романија 20.45 ч.
Лига Б
БиХ – С. Ирска 20.45 ч.
Словачка – Р. Ирска 20.45 ч.
Лига Ц
Норвешка – Србија 20.45 ч.
Шкотска – Израел 20.45 ч.
Лига Д
Грузија – Белорусија 18 ч.
Македонија – Косово 2 0.45 ч.

финалињата на програмата се во ноември на терените на победничките селекции од првоименуваните двојки за секоја лига