Македонската репрезентација одигра многу важни натпревари, но ниту еден со вакво резултатско значење како денешниот дуел со Грузија. Квалификациската приказна почна на 7 септември 1994 година со дуел со тогаш актуелниот европски првак Данска, а вечерва е најзначајната средба досега, со 90 минути до пласман на првото ЕП
ФУДБАЛ – МАКЕДОНИЈА НИЗ КВАЛИФИКАЦИИТЕ
Македонската фудбалска репрезентација вечерва го игра најзначајниот меч во својата историја, бидејќи тоа е натпревар за прв пласман на едно големо натпреварување, на Европското првенство (ЕП) в година. Македонија ѝ гостува на репрезентацијата Грузија и победникот од таа средба ќе дебитира на континенталните првенства.
Црвено-жолтите во 27-годишната историја на меѓународната сцена одиграа многу важни натпревари, но ниту еден со вакво резултатско значење. Дуелот со Словенија во Крањ, на 13 октомври 1993 година е првиот фудбалски меч на меѓународната сцена за Македонија (победа со 4-1), мечот со истиот противник пет месеци подоцна во Скопје е првиот натпревар на Македонија дома (победа со 2-0), а првата официјална, квалификациска средба, е одиграна на 7 септември 1994 година, кога во Скопје пристигна тогаш актуелниот европски првак Данска, во дуел за пласман на Европското првенство во 1996 година во Англија (реми, 1-1). Мечот во ноември 1994 година, пак, е првото гостување во квалификациски натпревар, со уште еден фудбалски гигант, репрезентацијата на Белгија (1-1) итн.
По сѐ, по над 240 меча, на кои настапија повеќе од 260 фудбалери, играње во осумдесетина града низ светот, со репрезентации од 65 земји од сите континенти, пред над 2,5 милиони гледачи, денеска е фудбалскиот натпревар со најголема фудбалска „специфична тежина“ за Македонија. Еден триумф, до историските дуели со Австрија, Украина и со Холандија, во јуни в година, тогаш во трка за титулата европски првак.