ФУДБАЛ – ШПАНИЈА
Кадиз, кој по пауза од 14 години повторно настапува во шпанската фудбалска Ла лига, ја забележа првата победа на домашен терен сезонава (и прва по 2006 година), над Барселона (2-1), со што по 12 одиграни меча се искачи на петтото место на табелата, со 18 бода.
За Кадиз ова е прв триумф над Барселона по 1991-та, кога за Каталонците настапуваше и сегашниот тренер Роналд Куман. Тимот од Андалузија во октомври, во петтото коло од првенството, го победи и шампионот Реал, на гости, во Мадрид, со 1-0.
Барселона го претрпе четвртиот пораз сезонава и сега се наоѓа на седмото место на табелата, со 14 бода, по 10 одиграни натпревари, 12 бода помалку од лидерот Атлетико. Тимот на Куман не успеа да добие ниту еден од претходните четири меча на гости.
– Неверојатно е што загубивме поради таков гол, тоа е грешка што не се очекува да ја направи овој тим. Тоа покажува дека вооппшто не бевме концентрирани. Многу сум разочаран – изјави Куман.