Уште е неизвесно кога би се доиграла сезоната во повеќе европски фудбалски првенства, но по повредите, на теренот би можеле да се вратат фудбалери што не играа пред паузата настаната поради коронавирусот, како Суарез, Дембеле, Азар, Асенсио, Кејн, Сон, Рашфорд, Погба, Бекер…

ФУДБАЛ

Со мала веројатност за фудбалски натпревари во следните неколку месеци и без временска рамка за рестартирање, клубовите и управните тела не се во можност да ја планираат блиската иднина. Многу од нив имаат финансиски проблеми, но мора да се каже и тоа дека повеќе клубови ќе може да имаат посилни тимови кога ќе продолжи сезоната, отколку пред паузата и одложувањето на натпреварите.

Повеќето придобивки доаѓаат од повредените фудбалери, кои можеби ќе можат да се приклучат кога ќе продолжи првенството. Така, на пример, Барселона можеби ќе може да смета на Осман Дембеле и на Луис Суарез, кој беше надвор од екипата по операцијата на коленото, а Реал Мадрид би можел во тимот да го има Марко Асенсио, како и Еден Азар, по неговата операција на глуждот во САД во почетокот на март.
Во Премиер-лигата, пак, Тотенхем би можел да игра со Хари Кејн, Хеунг Мин Сон и со Стивен Бергвин во завршната фаза на сезоната.

Манчестер јунајтед за пласман меѓу најдобрите четири тима во Англија можеби ќе биде засилен со враќањето на Маркус Рашфорд и на Пол Погба. Ливерпул загуби четири од последните шест натпревари во сите натпреварувања, па паузата од неколку месеци може да му овозможи да се рефокусира и да ја надмине лошата низа, а во тимот ќе може да се врати првиот голман Алисон Бекер, кој беше повреден пред да настане паузата.