Салцбург, кој на првите два натпревара во ЛШ сезонава постигна девет гола, го пречекува Наполи, кој уште не примил гол
Вечерва и утре ќе се играат 16 натпревари во третото коло од групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, а официјалната страница на Европската фудбалска унија (УЕФА) издвојува неколку. Првиот е дуелот Галатасарај – Реал во групата А, во Истанбул. На двата тима им се потребни бодовите, бидејќи по две кола освоија само по еден бод. Галатасарај ремизира на гости со Бриж (0-0) и загуби дома од ПСЖ (0-1), а Реал освои еден бод дома против Бриж (2-2), а на гости во првото коло убедливо беше поразен од ПСЖ, 0-3. На досегашните седум меѓусебни средби три победи има Галатасарај, а четири Реал.
Финалистот од минатата сезона, Тотенхем е во серија лоши игри и резултати во Премиер-лигата и во ЛШ. По ремито во првата рунда со Олимпијакос (2-2), во Атина следуваше вистински дебакл на мечот против Баерн, дома, 2-7, Тотенхем ќе мора да се „вади“ против Црвена звезда, која во минатото коло го совлада Олимпијакос (3-1), а во првото загуби од Баерн на гости со 0-3. Тотенхем лани се пласира во полуфиналето на ЛШ иако по првите три кола во групната фаза имаше само еден бод, пишува УЕФА.
Од утрешните мечеви внимание привлекува мечот Салцбург – Наполи поради напаѓачката и ефикасна игра на австрискиот тим, кој во првите две кола, дома против Генк (6-2) и на гости против актуелниот европски првак, Ливерпул (3-4) постигна девет гола (еден помалку од засега водечкиот Баерн). Наполи, пак, е еден од петте тима што уште не примил гол сезонава во ЛШ. Ланската сезона во Лига Европа (ЛЕ), Наполи го елиминира Салцбург во осминафиналето, 3-0 и 1-3.
Интер во Милано ја пречекува Борусија Дортмунд. Победата за тимот предводен од Антонио Конте е императив со оглед на фактот дека во првите две кола освои еден бод, реми дома со прашка Славија (1-1) и пораз на гости од Барселона (1-2). Германскиот тим, пак, ремизира со Барса (0-0) и ја совлада Славија (2-0). Против Интер е и статистиката, која вели дека на последните шест меча против тимови од Германија забележа само едно реми, со пет порази, пишува УЕФА.
Двојки, 3. коло, денеска: Бриж – ПСЖ, Галатасарај – Реал (група А), Олимпијакос – Баерн, Тотенхем – Ц. звезда (група Б), Шахтар – Динамо З., Манчестер С. – Аталанта (група Ц), Атлетико – Баер, Јувентус – Локомотив М. (група Д). Утре: Салцбург – Наполи, Генк – Ливерпул (група Е), Интер – Борусија, Славија – Барселона (група Ф), Лајпциг – Зенит, Бенфика – Лион (група Г), Ајакс – Челси, Лил – Валенсија (група Х). Сите мечеви се од 21 часот, освен дуелите Шахтар – Динамо, Атлетико – Баер, Лајпциг – Зенит и Ајакс – Челси (сите од 19 ч.).