Барселона и Баерн ќе се соочат во единствената четвртфинална пресметка во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) помеѓу поранешни освојувачи на натпреварувањето (на 14 август), откако вечерва беа подобри од Наполи на Елиф Елмас, односно против Челси.
Клемон Ленгле, Лионел Меси и Луис Суарез од пенал (прекршокот беше направен врз Меси), погодија за Барселона, додека Лоренцо Инсиње од белата точка го постигна единствениот гол за Наполи во вечерашниот дуел на Ноу Камп, со што Каталонците го добија двомечот со вкупен резултат од 4-2 (3-1, 1-1). Лионел Меси на тој начин беше стрелец против 35-от ривал со кој се соочил во ЛШ (Кристијано Роналдо досега ги тресеше мрежите на 33 клуба во ЛШ). Македонскиот репрезентативец Елмас влезе во игра во 79-та минута, но не успеа да му помогне на Наполи да избегне елиминација.
Роберт Левандовски со три гола и четири асистенции имаше удел во сите седум погодоци што Баерн ги постигна во двомечот против Челси, кој германскиот клуб го доби со вкупен резулат од 7-1 (4-1, 3-0). Полскиот напаѓач моментно е водечки стрелец во ЛШ со 13 гола.
Во преостанатите четвртфинални дуели ќе играат Аталанта – ПСЖ (12 август), Лајпциг – Атлетико Мадрид (13 август) и Манчестер сити – Лион (15 август). Сите четвртфинални средби се играат во Лисабон.