Главниот извршен директор на Здружението на менаџери на Премиер-лигата, Ричард Беван, предупредува дека сезоната може да се откаже доколку клубовите не се согласат да играат на неутрални стадиони
Астон Вила им се придружи на Брајтон и на Вест Хем, кои се против идејата за завршување на фудбалската сезона во Премиер-лигата на неутрални стадиони. Од друга страна, главниот извршен директор на Здружението на менаџери на лигата, Ричард Беван, предупреди дека сезоната може да биде откажана доколку клубовите не се согласат да играат на неутрални стадиони и оти тоа е единствениот начин да се заврши сезоната и да се одиграат преостанатите 92 натпревари, пренесе „Би-би-си“. Такво нешто препорачува и Владата во врска со безбедноста на стадионите што ги исполнуваат барањата.
Шесте клуба од долниот дел на табелата се спротивставуваат на играњето на неутрални стадиони, сметајќи дека така ќе ја загубат предноста на домашен терен во трката за опстанок во лигата. Други извори од преостанатите 14 клуба велат дека се крајно исфрустрирани поради однесувањето на тие од дното. Постои чувство дека „тие поставуваат пречки, наместо да бараат решенија“.
– Нема друг избор. Ако сакаме да играме фудбал, тоа треба да биде на неутрални стадиони – изјави неименуван извор од премиерлигашки клуб за весникот „Индепендент“.
Многу се говори дека најавените планови, сепак, ќе поминат, бидејќи постои потребното мнозинство од 14-6, за да се гласа за „Проектот за рестартирање“, но најверојатно тоа ќе почека, бидејќи треба да се дискутира за деталите околу медицинските протоколи, тестирањата, тренинзите…
Некои клубови уште се скептични во врска со плановите за рестартирање, бидејќи веруваат оти „едноставно има премногу работи за средување“.
Други извори, пак, велат дека протоколите за Премиер-лигата се премногу строги, велејќи „доколку на другите деловни активности во земјата им биде наложено да се придржуваат на овие мерки, никој од нив не би почнал со работа“, пишува „Индепендент“. Планот е мечевите да продолжат на 12 јуни. Но Премиер-лигата има повеќе модели засновани на различни датуми, за да бидат флексибилни. За сите инволвирани реалноста е дека „фудбалот е под ист финансиски притисок како и секоја друга индустрија“, пишува „Индепендент“.