ФУДБАЛ

Зимскиот преоден рок во најсилните и најбогати европски фудбалски лиги мина без „звучни“ трансфери, најмногу поради пандемијата на коронавирусот и финансиската криза во која се наоѓаат повеќето клубови. Според процената на „Делојт“, 20-те врвни фудбалски клубови со најголема заработка во светот ќе загубат две милијарди евра како последица на ковид-19. Дополнителен проблем за англиските клубови предизвика и брегзит, односно фактот што трансфер-зделките со играчи од Европа сега се предмет на нови критериуми во врска со имиграциските закони (работни дозволи и слично) на Велика Британија.
Во зимскиот преоден рок 2021-та се потрошени најмалку пари за трансфери по 2012 година. Според „Картрет аналитикс“, во јануари 2021-та во Англија биле комплетирани 12 зделки и вкупно биле потрошени 77 милиони евра, што е речиси тројно помалку од ланските 214 милиони евра, односно намалување за 64 отсто.

Финансиски, зделката на Манчестер јунајтед со Аталанта, за Амад Дијало (40 милиони евра) беше најголема зимава. Следува Вест хем со Брентфорд, за Саид Бенрама за 30 милиони евра), пари што „чеканите“ ги добија од трансферот на Себастијан Алер во Ајакс за 22,5 милиони евра. Астон вила го ангажира Морган Сансон за кого на Марсеј му плати 17,5 милиони евра.
Намалување на бројката на трансфери и на трошоци беше забележан и низ Европа. Вкупно клубовите од петте најдобри европски лиги зимава за трансфери потрошиле околу 250 милиони евра, колку што потроши само Челси лани летото. Клубовите во шпанската Ла лига потрошиле 88 отсто помалку пари отколку во 2020-та. Затоа и изостанаа поголемите изненадување.