Буфон за сега е единствен новак во ПСЖ

Според податоците на УЕФА, во досегашниот тек од преодниот рок во Рома пристигнале 10 играчи, а заминале седуммина. На другата страна на оваа листа е Тотенхем, кој досега не донесе ниту еден нов играч, а заминал само еден

Во тек е летниот преоден рок во фудбалска Европа, а од 26-те екипи што сигурно ќе играат во групната фаза од Лигата на шампионите досега најраздвижено е во Рома, според податоците што ги објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.

Така, во полуфиналистот од Лигата на шампионите во минатата сезона досега пристигнале 10 нови фудбалери, а заминале седуммина, меѓу кои и најскапиот голман на денешницата, Алисон Бекер (во Ливерпул за околу 75 милиони евра).
Во Монако, пак, пристигнале деветмина, заминале четворица, а над 10 промени (пристигнати и заминати заедно) има и во Бриж (7-3), Шехтер (6-6), Јувентус (6-4), Интер (5-7), Борусија Дортмунд (5-6), итн.

На другата страна на оваа листа е Тотенхем, кој досега не донесе ниту еден нов играч, а замина само еден (Кинан Бенетс во Борусија Менхенгладбах). Малку измени има и во Баерн, со еден пристигнат и тројца заминати, а засега со по еден нов фудбалер во своите редови се и Лион (Лео Дубоа од Нант), Пари сен Жермен (Џанлуиџи Буфон од Јувентус) и Манчестер сити (Ријад Марез од Лестер).


Нов млад бран познати презимиња: Свилар, Клајверт, Киеза, Де Јонг

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави имиња на 50 млади фудбалери што можеби ќе бидат во фокусот во новата сезона на европските купови, а меѓу нив има доста познати презимиња, со неколку сина на познати фудбалери.
Така, на оваа листа е голманот на Бенфика, Миле Свилар (18 години, Ратко Свилар беше познат голман во СФРЈ и во Белгија), потоа десното крило на Рома, Џастин Клајверт (19, Патрик Клајверт беше голгетер на холандската репрезентација и на Ајакс, Милан, Барселона…), левото крило на Фиорентина, Федерико Киеза (20, Енрико Киеза беше напаѓач на италијанската репрезентација и на Сампдорија, Парма, Фиорентина…) итн.

На листата се и, според описот од дописниците на сајтот на УЕФА, „новиот Јохан Кројф“ (21-годишниот Френки де Јонг од Ајакс), „следниот Серхио Бускетс“ (Родри, 22 г., Атлетико Мадрид), „новиот Збигњев Боњек“ (Симон Журковски, 20 г. Горник), потоа еден „роден голгетер“ (19-годишниот Иван Игнатјев од Краснодар), па „подарок“ (Фил Фоден, 18 г. од Манчестер сити), потоа „скроен од истиот материјал како Андриј Шевченко“ (Виктор Цианков, 20 г., Динамо Киев) итн.