Со петте победи со доминантни игри, Македонија покажа дека полека созрева и за повисоки дострели, а тоа го изјави и селекторот Ангеловски: „Следна цел, која ќе ја барам и за која ќе ги подготвувам фудбалерите, а тоа и спортската јавност треба да го бара и да го очекува од нас, е пласман на ЕП 2020“
Македонската фудбалска репрезентација никогаш досега не била толку блиску до пласман на некое големо натпреварување, во случајов за Европското првенство во 2020 година. Црвено-жолтите се на два меча до историски успех – настап на континенталниот шампионат во 2020 година, откако на најдобар можен начин, со убедлива победа над Гибралтар (4-0) во Скопје, ја завршија двомесечната кампања во новоформираната Лига на нациите (ЛН).
Македонија забележа пет победи и само еден пораз во конкуренција на Ерменија, Гибралтар и на Лихтенштајн, го освои првото место што води во повисок ранг, во лигата Ц, но и во плејофот (во март 2020-та) во кој ќе разигрува за место на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) во 2020 година.
Противник на Македонија во полуфиналето, на домашен терен, ќе биде Белорусија или Косово, во зависност од резултатот на синоќешниот дуел Косово – Азербејџан. Другата полуфинална двојка е Грузија – Косово, Белорусија или Азербејџан. Финалниот меч ќе се игра на теренот на некоја од овие селекции, а домаќинот ќе биде одреден со ждрепка.
Претходно, од март до ноември в година, ќе се играат редовните квалификациски натпревари за пласман на ЕП 2020, што значи дека доколку некоја од четирите првопласирани селекции во групите во лигата Д во Лигата на нациите обезбеди пласман на ЕП, тогаш работите се менуваат, па можни се нови двојки за тој плејоф во март 2020 година.
Но за тоа, потоа. Она што е факт е дека Македонија целосно заслужено оди во повисок ранг, во друштво на поквалитетни репрезентации каде што и припаѓа. Петте победи со доминантни игри (исклучок е дебаклот на гости со Ерменија, 0-4), против селекции со кои Македонија речиси до вчера, во минатите квалификациски циклуси, за ЕП или СП, имаше многу маки, покажаа дека оваа селекција полека созрева и за повисоки дострели, а тоа е настап на завршен турнир на ЕП, зошто не и на СП. За такво нешто, или за повисоко кревање на летвичката, неколкупати говореше и селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.
– Им честитам на фудбалерите за сѐ што покажаа и што остварија во овие квалификации. Покажавме дека Македонија не припаѓа во оваа лига Д и оти местото ѝ е меѓу многу поквалитетни селекции. Не сакам да се задоволиме само со ова. Следна цел, која ќе ја барам и за која ќе ги подготвувам фудбалерите, впрочем тоа и спортската јавност треба да го бара и да го очекува од нас, е пласман на ЕП 2020, преку редовните квалификации следната година или преку плејофот во ЛН, сеедно – изјави селекторот по мечот против Гибралтар во понеделникот.
Првата цел е постигната, но не би требало тука да се застане. Македонија покажа дека има квалитет, тимски и индивидуален, но не треба да се занесуваме, да летнеме високо и да се сметаме за некаква фудбалска велесила. Треба да се оди чекор по чекор, да се надградува играта, да се верува во себе и да се биде конкурентен. Игрите и резултатите на Македонија во квалификациите за СП 2018 во Русија (посебно во вториот дел), во групата со велесилите Шпанија и Италија, потоа со Албанија, Израел и со Лихтенштајн, беа добра најава за она што следуваше во Лигата на нации. Сега треба да се продолжи по тој пат и во квалификациите за ЕП 2020.
Сегашниот состав на Македонија дава верба дека тоа реално е остварливо. Ангеловски создаде хомогена селекција, предводена од капитенот, искусниот и сѐ уште незаменлив Горан Пандев. Од поискусните, во репрезентацијата се Иван Тричковски, Аријан Адеми, Илија Несторовски, Крсте Велковски, Александар Трајковски, но она што влева надеж и верба во поубава фудбалска иднина е тоа што костурот на оваа репрезентација ја сочинуваат помладите, оние што остварија историски успех со пласманот во завршницата на ЕП (до 21 година) во Полска 2017-та. Без Енис Барди (23), Елиф Елмас (19), Ѓоко Зајков (23), Висар Муслиу (24), Бобан Николов (24), Дарко Велковски (23) и другите од тој состав, кои моментно настапуваат во странски клубови, во посилни лиги, оваа македонска селекција веќе не може да се замисли.
Селекторот Ангеловски, исто така, заслужува честитки за сѐ што стори досега. Македонија под негово водство создаде своја игра, конкурентна е и во дуелите со многу поискусни и пореномирани репрезентации (во тест-дуели, на пример, беше победена Норвешка, која се пласира во лигата Б, како и Белорусија, можниот ривал во плејофот, со реми завршија дуели со Финска, која се пласира во лигата Б, со Турција…). Сега на ред е она најтешкото, да се постигне резултат – пласман на завршен турнир. Тоа е најбитното, сѐ друго е второстепено и брзо ќе се заборави.
Во минатото македонската репрезентација низ редовните квалификации никогаш не била подобро пласирана од четвртото место во својата група. Сепак, во два циклуса беше во трка за влез во баражите, но во последните кола тие години не успеваше да стигне до второто место. Сега е направен исчекор, низ новото натпреварување, Лигата на нациите, а следуваат и квалификациите, за кои ждрепка за состав на групите ќе се влече на 2 декември. Од тие квалификации на ЕП 2020 ќе играат по две првопласирани репрезентации од десетте групи.
За успехот ФФМ ја зголеми премијата на 500.000 евра
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ќе ги награди фудбалерите и стручниот штаб со 500.000 евра за освоеното прво место во групата 4 и за пласманот во поквалитетната лига Ц во Лигата на нациите (ЛН). Тоа е зголемување на премијата, бидејќи во јули ФФМ објави дека наградата ќе биде 350.000 евра. Македонската репрезентација со освојувањето на првото место во групата обезбеди и настап во плејофот во март 2020-та, на кој ќе се обиде да се пласира на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2020 година. Европската фудбалска унија (УЕФА) на секоја репрезентација (во лигата Д) ќе ѝ исплати по 750.000 евра, плус уште толку на првопласираните, меѓу кои е и Македонија, вкупно 1,5 милион евра.
МАКЕДОНИЈА – ГИБРАЛТАР 4-0
Стрелци: Барди 27. минута, Несторовски 67, 80 и Трајковски 90+2. минута. Жолт картон: Анесли. Стадион: „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: околу 2.000. Судија: Данијар Шакхи од Казахстан.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристевски, Муслиу, Тричковски (од 59. минута, Хасани), Алиоски, Трајковски, Бејтулаи, Николов, Барди, Елмас (72. Адеми), Несторовски (82. К. Велкоски). Селектор: Игор Ангеловски.
ГИБРАЛТАР: Кафер, Серџант, Анесли (88. Барнет), Каскијаро, Бардон, Вокер, Оливеро, Чиполина, Молни, А. Ернандез (79. Е. Ернандез), Де Бар (81. Пристли). Селектор: Хулио Рибас.