Еден од најстарите клубови во земјава, кичевски Напредок, со свечена академија и со ревијален фудбалски натпревар денес ја одбележа 90-годишнината од своето постоење.
За периодот од неговото формирање до денес, беше поднесен реферат, додека ветераните и актуелните фудбалери на Напредок одиграа ревијален натпревар. Мечот заврши 3-3 и поранешните фудбалери, иако со вишок килограми на себе, не дозволија да бидат поразени од своите помлади колеги.
– Ни 24 часа не се доволни да се каже се што е важно за спортската икона на Кичево ФК Напредок. Ни на стотици страници не може да се напише се што во овие 90 години проживеал клубот, кој што денес навршува 9 децении од своето формирање и кој што доживеал многу премрежија подеми и падови во своето постоење. Но Напредок не бил само фудбалски клуб, туку во него повеќето фудбалери се формирале и како личности, а не е мал и бројот на поранешни фудбалери, кои се стекнале со факултетски дипломи и со повисоки академски звања.
– Напредок беше и остана спортски епицентар на многу генерации фудбалери, кои со помал или поголем успех ги бранеле боите на клубот. Покрај организацискиот прогрес Напредок низ годините растел и инфрастурктурно, стадионот под Илиница добивал се подобар изглед, кој поради популарноста на клубот секогаш исполнет до последното место и, на сите ривали гостувањето во Кичево им било многу тешко и непријатно – вели новинарот Зоран Антоски, кој натаму додава дека во последните четири децении за издвојување се два периода на клубот и тоа периодот од сезоната 1978-1979 и натаму, кога Напредок се избори за влез во тогаш квалитетната Македонска лига, каде освен Вардар и Победа, настапувале сите клубови од македонскиот крем и две децении подоцна, кога Напредок се избори за влез во првата Македонска лига, рамо до рамо со фудбалската елита и каде со мали прекини се натпреварува цела деценија.
Во истиот тој период Напредок одигра и едно Куп финале во кое беше поразен со 1-0 од тогашната Слога Југомагнат, а пред 5 сезони беше на прагот на Европа, но не успеа да се избори за тоа толку посакувано место.
Во текот на свечената академија со едноминутно молчење им беше оддадена последна почит на починатите членови на управата и поранешни фудбалери на Напредок. З.А.