Во првиот барабан пред извлекувањето на двојките в понеделник се и Милан, Арсенал, Ајакс, Бриж, Хофенхајм, Лестер, Баер, Манчестер јунајтед, ПСВ, Ренџерс, Рома, Шахтар, Тотенхем и Вилјареал

ФУДБАЛ – ЛИГА ЕВРОПА

Наполи, тимот на македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас, е меѓу 32-та тима што се пласираа во следната рунда во Лига Европа (ЛЕ). Во последниот натпревар во групната фаза сезонава, на домашен терен Наполи ремизира со Сосиедад, 1-1, што беше доволно за првото место во групата Ф. Понатаму одат и Шпанците, кои израмнувачкиот гол го постигнаа во 90-та минута и се најдоа на втората позиција пред АЗ Алкмар, кој загуби од Риека, каде што настапува центархалфот на македонската репрезентација, Дарко Велковски. Во следната рунда од претходно се пласира и Динамо Загреб на македонскиот репрезентативец Аријан Адеми.
Ждрепката за шеснаесеттинафиналето е закажана за понеделник. Тимовите се поделени во два барабана. Во првиот барабан се 12 првопласирани во групите и четирите најдобри третопласирани во Лигата на шампионите, и тоа Милан, Арсенал, Ајакс, Бриж, Динамо Загреб, Хофенхајм, Лестер, Баер, Манчестер јунајтед, Наполи, ПСВ Ајндховен, Глазгов Ренџерс, Рома, Шахтар, Тотенхем и Вилјареал. Во вториот барабан се второпласираните во ЛЕ и четири од Лигата на шампионите со послаб ефект, а тоа се Антверпен, Бенфика, Брага, Црвена звезда, Динамо Киев, Гранада, Краснодар, Лил, Макаби Тел Авив, Молде, Олимпијакос, Сосиедад, Салцбург, Славија, Волфсберг и Јанг бојс.
Во оваа рунда меѓу себе нема да играат тимовите од истата група или од иста земја. Првите натпревари треба да се играат на 18 февруари, а реваншите на 25 февруари 2021 година.