Денеска ќе се влече ждрепката за сите двојки до финалето на необичната сезона во ЛШ, во која првпат ќе се игра финален турнир (во Лисабон, од 12 до 23 август), со единечни средби (без реванши), без публика, па првпат еден првак ќе биде добиен без гледачи на стадионот

ФУДБАЛ

Со ждрепката на двојките за преостанатите средби од елиминациските рунди, денеска точно напладне, по пауза од четири месеци, продолжуваат активностите во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал.
Поради пандемијата на коронавирусот, сезоната беше прекината по мечевите на 11 март.
Денеска треба да има ждрепки за четврт-финалето, полуфиналето и за одредување на административниот домаќин на финалето. При ждрепката нема да има ограничувања (до осминафиналето, на пример, меѓу себе не играа тимови од иста земја или ако сезонава веќе се сретнале во иста група). На секој меч ќе бидат дозволени по пет измени во секој тим.

Поради пандемијата, сезонава првпат ќе се доигра со финален турнир и првпат со единечни нокаут-средби (без реванши) во четврт-финалето и во полуфиналето. Турнирот со осум тима треба да се игра во Лисабон, од 12 до 23 август. Сите средби ќе се играат без публика, па првпат еден првак ќе биде добиен без присуство на гледачи на стадионот.


НОВИТЕТИ ЗА СЕЗОНАВА

  • првпат ќе се игра финален турнир
  • првпат од четврт-финалето ќе се игра по еден меч, без реванши
  • првпат мечот за европската титула ќе се игра без публика
  • тимовите ќе имаат право на пет замени на еден меч (досега три)