Тренерот Ханси Флик во Баерн обедини голем број неверојатни млади таленти со искусни фудбалери за создавање на најдобриот тим на континентот, пишува „Гол.ком“

 

Баерн го освои својот шести трофеј за европскиот фудбалски првак со победата со 1-0 над ПСЖ во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во Лисабон. Тренерот Ханси Флик во Баерн обедини голем број неверојатни млади таленти со искусни фудбалери за создавање на најдобриот тим на континентот. Кингсли Коман, крилниот напаѓач од Франција, кој го постигна единствениот гол, со 24 години е релативен ветеран во споредба со играчот што стои зад него на левото крило во Баерн, Алфонсо Дејвис, кој, пак, стана европски шампион на возраст од само 19 години. Но тоа само го истакнува фактот дека ова е многу различен тим на Баерн од оној што претходен пат ја освои ЛШ во 2013 година, пишува интернет-страницата „Гол.ком“.

Во сегашниот тим има неколку играчи од таа победа над Борусија Д., а повозрасните членови на составот не покажаа знаци на забавување. Роберт Левандовски (32) загуби во тоа финале во 2013 година, но, конечно, го освои трофејот со Баерн. Тој сезонава е најдобар стрелец во секое натпреварување во кое играше – вклучувајќи и 15 гола на 11 меча во ЛШ. Томас Милер, пак, го собори рекордот на асистенции во Бундес-лигата сезонава, а покрај тоа што одигра над 500 меча за Баварците, сепак, има само 30 години, пишува „Гол.ком“. Мануел Ноер (34) е најстариот член на составот, но против ПСЖ ги врати сеќавањата на неговите врвни настапи за Баерн во 2013 година и за Германија на СП 2014. Стартер во Лисабон со над 30 години беше и Жeром Боатенг.
Во централниот дел на средниот ред кај Флик сезонава беше и Џошуа Кимик, но со повредата на Бенжамин Павар беше повлечен на својата поранешна улога, десен бек, а токму од таму ја обезбеди асистенцијата за голот на Коман.

Со само 25 години Кимик го отсликува новиот изглед на Баерн, а за него велат дека има можност да игра на највисоко ниво на секоја позиција на теренот. Успехот на Баерн во ЛШ е изграден на тимска работа и верба инспирирана од Флик, пишува „Гол.ком“.
Серж Гнабри (25) беше херој против Лион во полуфиналето, а Баерн за следната сезона го ангажира и 24-годишниот Лерој Сане. Клубот, исто така, се засили со неколку други фудбалери, како Александар Нубел од Шалке како наследник на Ноер, Михаел Кусанс (21) е ангажиран минатото лето од Борусија Менхенгладбах, се очекува 21-годишниот Адријан Феин да се бори за место во средниот ред, откако импресионира на заем во Хамбургер…

Повеќето играчи на Баерн влегуваат во својот зенит, што значи дека овој тим би можел да се подобри. Баерн победи на секој меч во ЛШ сезонава. Во 70-тите години на минатиот век тој трипати едноподруго ја освои европската титула. Може ли повторно да го стори тоа, пишува „Гол.ком“.