Фото: Маја Јаневска-Илиева

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022, МАКЕДОНИЈА ДЕНЕСКА ЈА ПРЕЧЕКУВА ЕРМЕНИЈА

Верувам во фудбалерите и во нивниот професионализам. Сите конкурираат за првите 11, исто како и за формацијата во која ќе настапиме. Ерменија е доста квалитетен тим, против Шведска и против Хрватска одигра одлични контролни натпревари, има три победи во групата и тоа доволно зборува за силата на противникот, вели селекторот Милевски

Македонската фудбалска репрезентација, вечерва, во Скопје (20.45 часот), игра со селекцијата на Ерменија, во 11-от меѓусебен дуел на двете репрезентации, овој пат во квалификациите, во групата Ј, на патот кон Светското првенство (СП) в година во Катар. По три кола, Ерменија води во групата со девет бода, а следуваат Македонија и Германија со по шест бода. Во септемврискиот дел од квалификациите, Македонија треба да игра и в недела со Исланд на гости и потоа со Романија дома на 8 септември. Денешниот меч е и деби на новиот селектор, Благоја Милевски.

– Пред сѐ сакам да ја искажам мојата благодарност до Пандев, Тричковски, Велковски, кои веќе не се дел од репрезентацијата, а дадоа многу. Неминовно беше одредено освежување на тимот, иако голем дел од составот го сочинуваат фудбалери што веќе беа тука. Сета наша концентрација е насочена кон тоа да функционираме како тим. Времето е кратко, но тоа што го видов од момците ми дава право да бидеме позитивни. Оптимист сум, иако немавме доволно време да ги пренесеме сите наши замисли и идеи. Но,верувам во фудбалерите и во нивниот професионализам. Тие се добри карактери и се адаптираат на сите нови замисли. Сите конкурираат за првите 11, исто како и за формацијата во која ќе настапиме. Ерменија е доста квалитетен тим, се гледа одличната работа на селекторот. Против Шведска и против Хрватска одиграа одлични контролни натпревари, имаат три победи во групата и тоа доволно зборува за силата на противникот – вели Милевски, пренесе интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија.

Од четвртото коло на квалификациите за СП 2022, Европската фудбалска унија (УЕФА) на сите мечеви ќе го користи и системот видеопомошник-судија (ВАР). На СП ќе се пласираат победниците на десетте квалификациски групи, како и три селекции од баражот во кој ќе настапат 12 селекции, и тоа десетте второпласирани во групите од квалификациите и уште две репрезентации од победниците на групите во Лигата на нациите, кои не се пласирале на СП или не обезбедиле место во баражот низ редовните квалификации.

Во досегашните 10 меѓусебни средби, Македонија и Ерменија имаат по четири победи и две ремија и имаат идентичен резултат на домашен терен, по три победи и по едно реми и пораз. Двете селекции од 2018 година досега одиграа четири средби, во Лигата на нациите, прво во лигата Д, а потоа и во лигата Ц, одново со идентичен ефект, по две победи како домаќини.


ГРУПА Ј, 4. КОЛО
Македонија – Ерменија 20.45 ч.
Лихтенштајн – Германија 20.45 ч.
Исланд – Романија 20.45 ч.
ТАБЕЛА
Ерменија 3 3 0 0 6-2 9
Македонија 3 2 0 1 9-4 6
Германија 3 2 0 1 5-2 6
Романија 3 1 0 2 5-6 3
Исланд 3 1 0 2 4-6 3
Лихтенштајн 3 0 0 3 1-10 0