Душекот е специјално дизајниран за да ги неутрализира вирусите, бактериите и другите невидливи извори на инфекција, а неодамна го добил на подарок
Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси и неговата сопруга спијат на скап изум во својата хациенда во која живеат со своите синови и со песот Хулк. Се работи за антикорона-душек, специјално дизајниран за да ги неутрализира вирусите, бактериите и другите невидливи извори на инфекција,кој неодамна им бил подарен.
Како што наведува мадридскиот спортски весник АС, најдобриот фудбалер на светот ги заменил сите душеци во пространата хациенда во близината на Барселона, каде што живее брачната двојка со своите синови Тиаго, Ќиро и Матео, како и со песот Хулк.
Меси е најпознатиот фудбалер што добил ваков неочекуван дар, додека ваков душек е испратен и во Мадрид, на адреса на фудбалерот на Атлетико Мадрид, Саул Нигез.
Антикоронавирусниот душек е изум на шпанска компанија, која тврди дека материјалот од кој е направен неутрализира до 99,84 отсто од познатите вируси и бактерии. Сепак, не е прецизирано што ги сочинува преостанатите 0,16 проценти и дали злобната мутација на коронавирусот е во првата или во втората група вируси.
Како што наведува АС, заради маркетиншка стратегија се избрани токму сопственикот на шесте „златни топки“ и грижата за неговото здравје. Душекот го „чува“ сопственикот со тоа што наночестичките од неговиот површински слој ги неутрализираат вирусите во рок од четири часа и така всушност го спречуваат ширењето на заразата.
Од дополнителната опрема, овој душек користи неколку нивоа на вибрации, како и систем за топлотна масажа на стапалата, кои опуштаат и со тоа дејствуваат побрзо да се заспие.
Веста за револуционерниот изум беше пласирана токму среде оваа пандемија, која, пак, тешко ги погоди Шпанија, Каталонија и градот Барселона. Само во оваа провинција се регистрирани повеќе од 100.000 заразени и над 7.000 смртни случаи, наведува весникот АС.