Ова е крај со овој клуб и сега ќе започне нова приказна. Да, ова е еден од најтешките моменти за мене. Не сакав да го напуштам клубот што го сакам и ова е моментот што не го очекував, изјави Меси на вчерашниот прес
ФУДБАЛ
Како крвта да ми се замрзна, бев навистина тажен, ми беше навистина тешко досега. Сѐ уште се обидувам да го разберам сево тоа. Кога ќе се вратам дома, пак ќе се чувствувам лошо, уште полошо, изјави со солзи во очите Лионел Меси на вчерашната прес-конференција во Барселона, по шокантната разделба со клубот.
Во четвртокот, Барселона соопшти дека Меси, кој е слободен играч од 1 јули, нема да остане во клубот. Каталонците ги обвинија „финансиските и структурните пречки“ за заминувањето на Меси по 21 година минати во клубот. Претседателот на Барса, Жоан Лапорта, рече дека задржувањето на Меси може да го доведе клубот во ризична ситуација во следните 50 години.
Меси се согласи со нов петгодишен договор за драстично намалена плата, за 50 отсто, но Барселона, сепак, не можеше да си го дозволи тоа.
– Ова е крај со овој клуб и сега ќе започне нова приказна. Да, ова е еден од најтешките моменти за мене. Не сакав да го напуштам клубот што го сакам и ова е момент што не го очекував. Моето семејство и јас бевме убедени дека ќе останеме тука, дома, во Барселона. Времето што го поминав овде беше неверојатно, но морам да се збогувам со сето ова. Нема да зборувам лошо за никого, никогаш не сум лажел, бев целосно транспарентен, но проблемот е кога не зборуваш, другите кажуваат многу работи. Не жалам за ништо, се обидов да го дадам најдоброто од себе. Ја завршувам кариерата тука со многу освоени титули – истакна Меси, додавајќи дека е можно кариерата да ја продолжи во ПСЖ.
Според „Би-би-си“, Меси веќе го контактирал ПСЖ и, како што стојат работите, се очекува уште потпис на договорот. Меси може да му се приклучи на ПСЖ и поради тоа што познава голем број нивни играчи. Пред сите, Нејмар, кој играше во Барселона од 2013 до 2017 година, по што замина во ПСЖ, за рекордни 220 милиони евра.