Фудбалската икона Лионел Меси (31) изнајми сосема нов „персонализиран“ луксузен авион, за да може да патува низ светот со семејството и со пријателите. Една аргентинска компанија го приспособила авионот за Меси и за семејството, во кој има кујна, две бањи и 16 седишта, кои може да се преклопат за да се направат осум кревети. Екстериерот е брендиран со неговиот потпис број 10 на опашката, за секој што ќе го види да знае дека слетала фудбалската икона од Аргентина. На скалите на авионот се напишани имињата на сопругата на Меси, Антонела, и на нивните три деца, Тиаго, Чиро и Матео.
Меси, наводно, заработува повеќе од 550.000 евра неделно, како дел од мега-договорот со Барселона потпишан минатата година, и затоа не е чудно што на ваков начин се третира себеси и семејството.
Меси го закупил авионот, а компанијата што му го изнајмила се надева оти тоа ќе го претвори во паметен деловен потфат со привлекување идни богати клиенти што би биле заинтересирани за патување со авионот во кој претходно престојувал и летал еден од најдобрите светски фудбалери.
Аргентинскиот интернет-портал „Добл Амарила“, објави дека Меси инвестирал и свои пари во 13 милиони евра вредниот авион (според некои информации тој чини 22,7 милиони евра), како и дека во Лос Анџелес, САД, ќе биде изграден хангар каде што ќе се чува авионот.
На фудбалски план Меси минатиот викенд се покажа во вистинско издание на градското дерби против Еспањол (4-0), кога даде два гола од два слободни удара. Но не само што првпат во кариерата постигна два гола од слободен удар на еден меч, тој стана и првиот играч во историјата на шпанската Ла лига што постигнува 10 и повеќе голови 13 сезони по ред.
Сезонава Меси на 17 меча во сите конкуренции има дадено 17 гола, плус 10 асистенции. Барселона е лидер во шпанското првенство со 31 бод, три повеќе од Севилја, и веќе се пласира во нокаут-рундата во Лигата на шампионите (ЛШ).
Авиони имаат и Роналдо, Ибрахимовиќ, Бекам…
Меси не е првиот фудбалер што поседува приватен авион. Пред него таква скапа играчка („голфстрим Г650“) има Кристијано Роналдо, фудбалерот на Јувентус, која чини 57 млн. евра. Со приватен авион („цесна“) што чини 23,7 млн. евра лета и Швеѓанецот Златан Ибрахимовиќ. Приватни летала поседуваат и Пол Погба, Дејвид Бекам, Нејмар, Вејн Руни, Герет Бејл, Карим Бензема, Алексис Санчез итн.