Каталонскиот весник „Мундо Депортиво“ објави вест дека екипа на „Франс фудбал“ пристигнала во Барселона за да го интервјуира Меси, што наводно е знак дека тој ќе го добие признанието. Претходно годинава Меси победи во изборот на ФИФА, а Ван Дајк во изборот на УЕФА
До изборот за најдобар светски фудбалер за 2019 година што го организира францускиот магазин „Франс фудбал“ по 64-ти пат, остануваат уште четири дена (гала-свеченоста ќе се одржи в понеделник во Париз). Ако може да им се верува на медиумите во Каталонија, Аргентинецот Лионел Меси, играчот на Барселона, повторно треба да ја добие „златната топка“, шести пат во кариерата и оти Холанѓанецот Вирџил ван Дајк, центархалфот на европскиот првак Ливерпул, единствениот реален конкурент, нема поголеми шанси иако е фаворит кај обложувачниците, како и Португалецот, Кристијано Роналдо од Јувентус.
Ван Дајк ја освои Лигата на шампионите (ЛШ), што е големо постигнување, Ливерпул ја елиминира Барселона со епското полуфинале (0-3 и 4-0). Но Меси во сезоната 2018/2019 и во тековната кампања постигна 44 гола, плус 17 асистенции на 52 натпревари. Меси со Барса ја освои шпанската Ла лига (10-ти пат), шпанскиот Суперкуп, трофејот „Пичичи“ за најдобар стрелец на Шпанија, „златната копачка“ за прв стрелец во Европа, а беше најефикасен во ЛШ со 12 гола. Каталонскиот весник „Мундо Депортиво“ објави вест дека екипа на „Франс фудбал“ пристигнала во Барселона за да го интервјуира Меси.
– Според вообичаениот протокол, тимот патува до местото каде што живее добитникот на трофејот за да направи интервју со него и за да го фотографира за списанието што ќе се дели по церемонијата на доделување на наградите – објаснува новинарот Хавиер Гаскон.
Извори блиски до Меси ниту потврдија ниту негираа што било, но „Мундо“ е уверен дека ова се докази за ново крунисување на Меси. Меси ја има поддршката од многумина, од стручњаци, па до колеги, фудбалери.
– Гледано издвоено, неговиот ефект ланската сезона беше еден од најдобрите во неговата кариера – изјави младиот француски репрезентативец Килијан Мбапе.
За Ван Дајк, пак, пофални зборови доаѓаат од неговиот менаџер во Ливерпул, Германецот Јирген Клоп.
– Ако „златната топка“ му ја доделувате на најдобриот играч на генерацијата, тогаш секоја година треба да му ја давате на Меси. Но ако избирате најдобар играч на сезоната, во случајот тоа е Ван Дајк, така јас гледам на работите – изјави Клоп.
Во септември годинава Меси беше прогласен за најдобар фудбалер на светот за 2019-та во изборот на ФИФА, во конкуренција на Ван Дајк и на Роналдо, а неколку недели пред тоа Ван Дајк ја доби наградата за најдобар фудбалер во изборот на УЕФА.