Парите од договорот на капитенот на хрватската репрезентација Лука Модриќ со Реал Мадрид се префрлени на банкарски сметки во Република Српска, а зад финансиските трансакции стојат поранешната фудбалска ѕвезда и поранешниот спортски директор на мадридскиот клуб Предраг Мијатовиќ заедно со неговиот деловен партнер, познатиот менаџер од Бања Лука Владо Лемиќ, пишува во новото издание на хрватски „Национал“.
Причината поради која е избрана Република Српска, лежи во даночна стапка од десет проценти, наместо 33 проценти колку би платиле Лемиќ и агенција „Топ Спорт Консалтинг“ во Белгија каде што е регистриран и каде што менаџер престојува.
Наводно, врската помеѓу Модриќ и „Топ Спорт“ започнала кога фудбалерот прејде од Тотенхем во Реал Мадрид. Тој прв договор бил „фактуриран“ преку компанија во Луксембург.
Вториот договор на Модриќ со Реал Мадрид, односно неговото продолжување, беше направен преку Бања Лука.
На “Football Leaks” се појавија и делови од преписките каде се гледа посредничка улога на Предраг Мијатовиќ, чија улога останувањето на Модриќ на „Бернабеу“ беше многу важна.
Станува збор за менаџерска заработка од 2,4 милиони евра, договорени од страна на Реал Мадрид и менаџерот Лемиќ која е трансферирана во Република Српска, а од таму, по книжењето се делела меѓу заинтересираните страни.