Се очекуваше тој да стави потпис на договор за Манчестер јунајтед за 87 милиони евра, со што ќе го надмине досегашниот рекорд за трансфер на одбранбен фудбалер, тој на Вирџил ван Дајк во Ливерпул
Манчестер јунајтед постигнал договор да потпише со стоперот на репрезентацијата на Англија и на Лестер, Хари Мегваер (26) за 87 милиони евра, што би бил светски рекорд за одбранбен фудбалер, јави Би-би-си. Според најавите, Мегваер треба да замине на лекарски прегледи пред официјализирањето на трансферот.
Тој ќе биде третото летно засилување за Јунајтед по ангажманот на Арон Ван-Бисака и Даниел Џејмс, кои пристигнаа од Кристал Палас, односно од Свонси.
Мегваер одигра 69 меча во Премиер-лигата за Лестер, откако се приклучи од Хал Сити во 2017 година. Договорот значи дека Мегваер станува најскапиот дефанзивец во светот, надминувајќи ги 82-та милиони евра што европскиот првак Ливерпул му ги плати на Саутемптон за Холанѓанецот Вирџил ван Дајк во јануари 2018 година.
Стоперот на Англија ќе биде и 12-от најскап трансфер во историјата на фудбалот. На таа листа води Бразилецот Нејмар со трансферот вреден 222 милиони евра од Барселона (Шпанија) во Пари сен Жермен (Франција) во 2017 година.