Килијан Мбапе

Обожавам да играм против најдобрите играчи на светот, изјави Мбапе по победата на ПСЖ на првиот меч со Баерн, во дуелот што го обележија Мбапе со головите, Нејмар со асистенциите и Навас со одбраните

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Првиот четвртфинален дуел во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) во Минхен, реприза на ланското финале, помеѓу Баерн и ПСЖ, во кој победи ПСЖ со 3-2, во снежната вечер на празната арена „Алијанц“, го обележија Килијан Мбапе, кој постигна два гола, Нејмар, асистентот на два погодока, и голманот Кејлор Навас, кој имаше 10 одбрани.
Мбапе сезонава постигна осум гола во ЛШ (претходно и три гола против Барселона, во осминафиналето), израмни рекорд за најмногу голови за француски играч во една сезона, колку што имаа Висам Бен Једер за Севилја во сезоната 2017/2018 и Давид Трезеге за Јувентус во 2001/2002. Нејмар асистираше при постигнување 26 гола во ЛШ, најмногу од сите од дебито во Европа во сезоната 2013/2014. Нејмар е директно вклучен во 67 погодоци (има и 41 гол) на 66 настапи во ЛШ.
– Сакам ваков вид натпревари. Тие понекогаш не се одвивале како што сум посакувал, можеби така ќе биде и во иднина, но јас не сум тука за да се кријам. Сакам вакви мечеви и да одлучувам. Обожавам да играм против најдобрите играчи на светот, Мануел Ноер е еден од најдобрите голмани во историјата. Не чувствував притисок – изјави Мбапе, пренесе „Би-би-си“.
За Баерн, во чии редови ги немаше Роберт Левандовски и Серж Гнабри, ова беше прв пораз во ЛШ по 19 меча (18 победи и едно реми), од март 2019 година, од Ливерпул, 1-3. Претходните четири порази во ова натпреварување беа под водство на четворица различни тренери, Карло Анчелоти, Јуп Хејнкес, Нико Ковач и Ханси Флик, за кого ова е прв пораз од преземањето на функцијата во ноември 2019 година (15 победи и едно реми).

– Според шансите што ги имавме, можевме да забележиме подобар резултат и покрај трите примени гола. Не сакаме да губиме, но начинот на кој игравме беше врвен – изјави Флик, чии фудбалери упатија 31 удар на противничкиот гол.
ПСЖ не постигна гол само на еден од претходните 43 натпревари во ЛШ. Исклучок беше поразот од Баерн во финалето лани, 0-1. Баерн постигнува барем еден гол на последните 63 натпревари, но само двапати не прими гол на претходните 14 меча на домашен терен, во сите натпреварувања.
Во вториот меч во средата, Челси го совлада Порто, како гостин на неутрален терен во Севилја со 2-0 и е на добар пат да се пласира во полуфиналето, во кое победникот ќе се сретне со подобриот од дуелот Реал Мадрид – Ливерпул (прв меч 3-1). Челси не прими гол на седмиот од деветте натпревари во ЛШ сезонава (вкупно два). Головите за Челси ги постигнаа Маунт Мејсон, кој со 22 години и 87 дена стана најмладиот стрелец на „сините“ на нокаут-меч во ЛШ, и бекот Бен Чилвел, прв за него од 7 ноември 2020 година.
– Одличен резултат во тежок натпревар против силната екипа на Порто, против која е тешко да се игра. Многу сум среќен со овој резултат, тоа е фантастично, но ова е само прво полувреме, мораме да се подготвиме за вториот меч. Порто е горд и емотивен клуб што нема да се откаже од борба – изјави менаџерот на Челси, Томас Тухел.


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Баерн – ПСЖ 2-3
Порто – Челси 0-2
Реал Мадрид – Ливерпул 3-1
Манчестер с. – Борусија Д. 2-1
реваншите се на 13 и на 14 април