Партијата проследена од публика во ТВ-студио за време на шоуто на Марадона, „Ноќ на десетката“, се играла со „живи“ фигури. По мечот од четири потега, Карпов му подари на Марадона прекрасна дрвена руска шаховска гарнитура, а Марадона нему фудбалска топка
Диего Армандо Марадона, кој почина неодамна, на 60-годишна возраст, според многумина еден од најголемите на сите времиња во светот, по пензионирањето како професионален фудбалер беше тренер, а славната десетка, покрај другите активности, беше и водител на забавна емисија.
Еден од неговите гости беше и 12-от по ред светски првак во шах, рускиот велемајстор Анатолиј Карпов, пишува познатиот шаховски портал „Чесбејс“.
Во 2005 година, тогаш 54-годишниот Карпов ја посети Аргентина, каде што играл и симултанки против надежната шаховска младина во таа земја, а бил и гостин во ТВ-шоуто на Марадона, кој тогаш имаше 45 години, наречено „Ноќ на десетката“.
Како што пишува „Чесбејс“, во тоа ТВ-шоу двајцата одиграле и една шаховска партија со „живи“ фигури, односно со луѓе што ги заменувале шаховските фигури.
Ждрепката сакаше белите фигури да ги има фудбалската легенда, а шаховската играше со црн превез преку очите, односно „на слепо“. Партијата проследена со публика во студиото траела само четири потези (1. е4-е5 2. Сф3-Сц6 3. Лб5-д6 4. Сц3) и завршила со реми.
По партијата, Карпов му подарил на Марадона прекрасна дрвена руска шаховска гарнитура, со зборовите: „Кралот на шахот му го дава овој подарок на кралот на фудбалот“, а на гарнитурата се потпишале и двајцата. Додека, пак, Марадона му подарил на Карпов фудбалска топка со свој потпис, пишува „Чесбејс“.