Јунајтед, Интер, Копенхаген и Шахтар се првите четири тима, четвртфиналисти во Лига Европа, за завршниот турнир во Германија
Манчестер јунајтед, Интер, Копенхаген и Шахтар си обезбедија пласман во четврт-финалето во Лига Европа (ЛЕ) со победите во реванш-осминафиналните натпревари против Ласк, Хетафе, Башакшехир и Волфсбург.
Манчестер јунајтед рутински го одработи мечот против Ласк (2-1 и 5-0) и веќе стигна до бројката од 23 гола сезонава во ЛЕ, четири повеќе од кој било друг тим. Манчестер јунајтед по 26-ти пат е меѓу најдобрите осум во европските купови.
Интер го совлада Хетафе (2-0) на неутрален терен, во Гелзенкирхен (првиот меч во март беше одложен) и првпат по сезоната 2010/2011 е во европско четврт-финале. Ромелу Лукаку (27) постигна еден гол, вкупно 30 сезонава, од кои 23 во Серија А, најмногу за него во кариерата. Во последните 30 години само тројца играчи на Интер постигнале 30 и повеќе голови. Тоа се Самјуел Ето, кој во сезоната 2010/2011 даде 36 гола, Роналдо (34) и Диего Милито (30). Лукаку постигнуваше гол на последните осум меча во ЛЕ, што е најдолга серија во ова натпреварување по онаа на Алан Ширер, 11 гола на девет меча, за Њукасл во 2005 година.
Копенхаген го „преслуша“ новиот турски првак Башакшехир (3-0), а убедлив беше и Шахтар во дуелот со Волфсбург (3-0).
Завршниот фајналејт-турнир ќе се одржи во четири града во Германија, во Гелзенкирхен, Дуисбург, Диселдорф и во Келн (финале) од 10 до 21 август.