УЕФА го казни Сити со двегодишно неиграње во европските фудбалски клупски натпреварувања и парично со 30 милиони евра, по што клубот најави жалба
Манчестер сити е исфрлен од европските фудбалски купови до 2022 година, со одлука на Европската фудбалска унија (УЕФА). Тоа е најголемата сторија сезонава во англискиот, но и во европскиот клупски фудбал. Вистинска „бомба“, која може да предизвика и да испровоцира многу прашања и да има далекосежни последици по европскиот фудбал, особено клупскиот.
УЕФА го казни Сити со двегодишно неиграње во европските клупски натпреварувања, откако било откриено дека англискиот првак направил „сериозни прекршувања“ на регулативите за лиценцирање и на финансискиот ферплеј (ФФП) меѓу 2012 и 2016 година. Сити е казнет и со 30 милиони евра.
Прописите на ФФП се воведени за да ги спречат клубовите да направат поголеми загуби преку трансфери на играчи. Од Манчестер сити веднаш одговорија дека во клубот се „разочарани, но не и изненадени“ од „предвремената“ одлука и најавија дека ќе поднесат жалба до Спортскиот арбитражен суд (САС) во Лозана. УЕФА поведе истрага против Сити уште минатиот март, откако беа објавени документи во „Фудбал ликс“. „Протечените“ документи вклучуваат клупски електронски пораки.
– Нема да коментираме ништо во врска со материјалите за кои се тврди дека биле хакирани или украдени од персоналот на Манчестер сити и од други лица. Обидот да се оштети репутацијата на клубот е организиран и јасен. Наједноставно, ова е случај инициран од УЕФА, што го води и го суди УЕФА – се вели во соопштението на Сити.
Истрагата беше поттикната по објавувањето на е-поштата и на документите во германското списание „Шпигел“. Сити ги отфрла обвиненијата, тврдејќи дека се засновани на „материјали надвор од контекст, хакирани или украдени“. Сити инсистира на тоа дека имаат „непобитен доказ“ што го поддржува нивното негирање за неправилно работење и велат дека одлуката на истражителот била донесена пред да почне процесот.
По забраната, се поставуваат повеќе прашања околу тоа што ќе се случува на краток, но и на подолг рок во Манчестер сити. Првата дилема е дали Пеп Гвардиола ќе го напушти Манчестер сити? Тој постојано тврдеше дека ќе остане барем додека не му истече договорот во 2021 година, но, исто така, велеше дека им верува на челниците на клубот, пишува Би-би-си.
Можен е и вистински играчки егзодус. Веќе се знае дека Давид Силва си заминува на крајот од сезоната. Но загрижува бројот на играчи, чии договори истекуваат пред времето кога Сити би се вратил во ЛШ. Серхио Агуеро е на врвот на тој список. Неговиот договор истекува во 2021 година, како и на Лерој Сане. Џон Стоунс има договор со 2022-та, како и Никола Отаменди. А што е со мноштвото ѕвезди што се под договор и по 2022 година, како што се Кевин де Брујне, Едерсон, Бернардо Силва, Рахим Стерлинг, Бернардо Силва и Ријад Махрез?
Експертот за финансии во фудбалот, Киран Магваер, предавач на Универзитетот во Ливерпул, за Би-би-си, Радио Манчестер рече дека „финансиските импликации од неиграњето во ЛШ се многу значајни“.
– Ливерпул заработи повеќе од 120 милиони евра од освојувањето на титулата минатата сезона. Тие, исто така, добија бонуси од спонзорите. Шесте или седумте домашни натпревари на патот до финалето може да вредат по шест до седум милиони евра. Значи, сѐ заедно, учеството во ЛШ може да вреди и до 180 милиони евра за еден клуб. Играњето во најквалитетното европското натпреварување е многу привлечно, така што забраната за Сити ќе го отежни доведувањето квалитетни играчи што не беше проблем за Сити во минатите 10 години. Но има сериозни проблеми кога приходите ќе паднат за 120 до 150 милиони евра годишно. Газдите можеби ги имаат тие пари, но ако ги потрошат за купување нови играчи повторно би можеле да ги прекршат правила за ферплеј – вели Мекгваер.
Суспензијата од УЕФА не е единствениот проблем со кој се соочува Сити. И Премиер-лигата ја разгледува ситуацијата. Иако двете тела имаат различни правила за ферплејот, сепак, тие се доста слични и се верува дека ако Сити ја прекршил регулативата на УЕФА, тогаш го сторил и со Премиер-лигата. Можно е и одземање поени. Но голема е веројатноста да се почека што ќе биде со жалбата до САС, па потоа да се реагира. Не е целосно јасно и што ќе се случи доколку остане суспензијата на Сити, а во ЛШ и натаму има по четири екипи од Англија. Дали петтопласираната ќе добие шанса?