Никогаш нема да ја заборавам оваа сезона, поради играњето без гледачи во услови на пандемија на коронавирусот, изјави Пеп Гвардиола, менаџерот на Сити, чии избраници на 28 меча не примија гол, или вкупно примија 26 во сите натпреварувања сезонава, најмалку од која било друга екипа во петте најсилни европски лиги
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Манчестер сити забележа нова победа, деветта во низа во англиската фудбалска Премиер-лига, овој пат на гости над третопласираниот Лестер со 2-0. На седум кола до крајот на сезоната, на „граѓаните“ им се потребни уште 11 бода за освојување нова титула, трета во претходните четири сезони.
Сити победи на претходните 15 гостувања во сите натпреварувања и е непоразен на 18-те средби на гостински терен (16 победи и две ремија). Последен пат Манчестер сити загуби на гости во ноември 2020 година, од Тотенхем со 0-2.
– Ја сакам Премиер-лигата повеќе од кое било друго натпреварување. Ние сме блиску, многу блиску до титулата. Шампион е Ливерпул, тие ја имаат круната, но ние сме блиску да ја им земеме. Никогаш нема да ја заборавам оваа сезона, поради играњето без гледачи во услови на пандемија на коронавирусот – изјави Пеп Гвардиола, менаџерот на Сити, чии избраници на 28 меча не примија гол, или вкупно примија 26 гола во сите натпреварувања сезонава, најмалку од која било друга екипа во петте најсилни европски лиги.
Во поразениот тим, Џејми Варди го одигра 300-от натпревар од дебито во август 2012-та, и оттогаш постигна 135 гола, 93 повеќе од кој било друг играч на „лисиците“.
Во Премиер-лигата сезонава Манчестер сити треба да игра уште со Лидс (дома), Астон вила (на гости), Кристал палас (на гости), Челси (дома), Њукасл (на гости), Брајтон (на гости) и со Евертон (дома).
Ливерпул убедливо го совлада Арсенал, на гости со 3-0, највисока победа за „црвените“ во Лондон во првенствените мечеви. Со овие три бода Ливерпул повторно е во трка за четвртата позиција во Премиер-лигата што носи пласман во Лигата на шампионите (ЛШ).
На дуелите меѓу овие два тима се постигнати 169 гола, најмногу во историјата на ова натпреварување, а Арсенал победи само во еден меч, лани со 2-1, од претходните 12 (седум порази и четири ремија). За Ливерпул ова беше шеста првенствена победа по ред на гости, втора ваква клупска серија по онаа од февруари до август 1955 година.
За изненадувањето на колото се погрижи ВБА, 19-ти на табелата, победувајќи го Челси на гости, со 5-2. Челси нема примено пет гола на домашен терен од октомври 2011 година, од поразот од Арсенал, со 3-5. Првпат под водство на менаџерот Томас Тухел, на осмиот натпревар, Челси прими гол на свој терен во сите натпреварувања. За Тухел тоа беше и прв пораз на 14 меча по преземањето на функцијата во јануари.