Македонската репрезентација одигра храбро, максимално борбено, на тактички план извонредно и стана првата репрезентација што ја победува Германија во квалификации за СП, по Англија од 2001 година. Поразот од Македонија ѝ стави крај и на серијата на Германија од 35 меча без пораз

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Голема, незаборавна победа на Македонија над Германија со 2-1, над четирикратниот светски првак, на гости во Дуисбург, во третото коло од квалификациите за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) во Катар. Ова е една од највредните победи во историјата на македонскиот фудбал, кој во овој период ја оствари и онаа победа против Грузија во Тбилиси со 1-0, лани есента, која значеше деби-пласман на Европското првенство (ЕП).
По три кола, во групата Ј води Ерменија со девет бода, Македонија е втора со шест, колку што има и Германија, но црвено-жолтите имаат подобра гол-разлика, која решава при ист број бодови. Потоа следуваат Романија и Исланд со по три бода и Лихтенштајн без бодови. На СП ќе се пласираат победниците на групите, а второпласираните ќе играат во баражот за уште три места на СП. Квалификациите за СП 2022 продолжуваат во септември.

Триумфот на Македонија, сосема заслужен, е едно од најголемите изненадувања во досегашниот тек на европските квалификации за СП 2022. Ноќ за незаборав за Македонија, која може да се гордее со овој резултат затоа што е првата репрезентација што ја победува Германија во квалификации за СП по 20 години, кога Англија славеше во Минхен, со 5-1. Поразот од Македонија ѝ стави крај и на серијата на Германија од 35 меча без пораз во квалификации за мундијалите (30 победи и пет ремија). Германците беа супериорни и во квалификациите за ЕП 2020, во кои забележаа максимални 10 победи, но секоја серија има крај, а за завршување на оваа се погрижи Македонија.
До скоро „малата“ Македонија на европската фудбалска мапа според постигнувањата, ја забележа и првата победа против светски првак. На досегашните 10 меча, против Англија (2-2, 0-0, 1-2, 0-1), Шпанија (откако стана светски шампион 1-5, 0-1, 0-4, 1-2) и против Италија (1-1, 2-3) прокнижи три ремија и седум порази. Македонската репрезентација одигра храбро, максимално борбено, на тактички план извонредно, со малку позатворена формација (5-3-2), умешно се бранеше и опасно се закануваше преку контрите.

Мечот со Германија беше продолжение на добрите игри против Романија, и покрај поразот, и против Лихтенштајн минатата недела и покажа дека пласманот на Македонија на ЕП не е случаен, напротив. Станува збор за квалитетна репрезентација со одлични поединци што се во функција на тимот. Тимот е спој на искусни играчи предводени од капитенот Горан Пандев и на млади, но веќе афирмирани фудбалери што веќе имаат големо искуство играјќи во некои од најсилните европски лиги. Селекторот Игор Ангеловски уште еднаш се покажа како добар тактичар и оти знае да го извлече најдоброто од своите фудбалери, создавајќи компактен тим што одлично функционира, за што показател се резултатите и постојаното подобрување на рејтинг-листата на ФИФА (65-то место на листата од февруари).
Следен голем испит за фудбалската репрезентација на Македонија ќе бидат завршницата на ЕП и мечевите во групата со селекциите на Холандија, Украина и на Австрија. Ако се оценува според мечот со Германија, па и со Романија и со Лихтенштајн, Македонија ќе биде „тврд орев“ за сите и нема да биде сензација ако се пласира и во нокаут-фазата.

Германците немаа решение за цврстата одбрана на Македонија, а единствениот гол го постигнаа од пенал. Македонија ја искористи својата шанса на истекот од првиот дел, поведе со голот на капитенот Пандев што беше навестување на големото изненадување. Во вториот дел Германија притискаше, но без идеја и без 100-отстотни шанси за гол, освен онаа на Тимо Вернер. Израмнувањето следуваше по престрого досудениот пенал што во гол го претвори капитенот Илкај Гундоган. Македонија потоа беше оштетена и со недосуден пенал по играњето со рака на Емре Чан. На крајот правдата беше задоволена со победоносниот гол на Елиф Елмас во 85-та минута.


Ангеловски: Нашиот тим е херој

Никогаш не сме победиле против репрезентација со толку многу титули, против четирикратен светски шампион и трикратен европски првак. Среќен сум што работам со овие играчи, честитки за нив. Ова е победа за целата нација. Момците уште еднаш ја направија нашата земја горда. Нашиот тим е херој, тие ја кренаа нацијата на нозе, изјави Игор Ангеловски, селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија.


Лев: Многу сме разочарани

Многу сме разочарани. На овој меч дејствувавме премногу уморно, немаше енергија во нашата игра и направивме многу грешки во нападот. Кога брзо ја движевме топката, изгледавме опасно. Нашиот противник беше длабоко на својата половина и не можевме да најдеме начин како да ги разбиеме. Сѐ на сѐ, разочарувачки е да се загуби дома на ваков начин, изјави селекторот на фудбалската репрезентација на Германија, Јоаким Лев.


Швајнштајгер: Моја почит кон Македонија

Победата на Македонија над големиот противник Германија имаше голем одек во Европа, како во медиумите така и на социјалните мрежи. „Моја почит кон Македонија, несреќен пенал против нив, чист пенал недосуден за нив. Тие го добија натпреварот на гостински терен против четирикратен светски шампион“, напиша некогашниот германски репрезентативец и фудбалер на Баерн, Бастијан Швајнштајгер на својот твитер-профил. Со слична твитер-порака се огласи и поранешниот репрезентативец на Англија, сега стручен ТВ-коментатор, Гари Линекер, кој своевремено во играчките денови поради неколкуте порази од Германија на големите турнири изјави дека „фудбалот е едноставна игра меѓу 22 играчи што ја бркаат топката 90 минути и на крајот Германија секогаш победува“. Тој ја прокоментира и сензационалната победа на Македонија: „Господе, Германија загуби од Македонија!“


ГРУПА Ј

Германија – Македонија 1-2
Ерменија – Романија 3-2
Лихтенштајн – Исланд 1-4

ТАБЕЛА
Ерменија 3 3 0 0 6-2 9
Македонија 3 2 0 1 9-4 6
Германија 3 2 0 1 5-2 6
Романија 3 1 0 2 5-6 3
Исланд 3 1 0 2 4-6 3
Лихтенштајн 3 0 0 3 1-10 0

Идно коло (2.9.): Македонија – Ерменија, Лихтенштајн – Германија, Исланд – Романија.