Македонската репрезентација неделава ќе одигра два тест-меча, утре со Словенија и в петок со Казахстан, двете во Скопје
ФУДБАЛ
Фудбалската репрезентација на Македонија денеска ги продолжи подготовките за дебито на Европското првенство (ЕП), а за утре е закажан првиот тест-натпревар, со Словенија, во Скопје.
– Македонија постигна голем успех со пласманот на ЕП, но не планираме да застанеме тука. Веќе имам настап на едно вакво натпреварување со младата репрезентација на Македонија, но ова е нешто сосема различно, со оглед на тоа што играме против најдобрите репрезентации и најдобрите фудбалери. Нашите очекувања се зголемија, што е нормално, со оглед на победата против Германија. Тоа е нормално, тоа е фудбалот, секој може да победи секого. Се надевам дека ќе одиграме добри натпревари, ќе ги изненадиме репрезентациите што ни се противници на ова првенство и ќе ја израдуваме македонската јавност – вели репрезентативецот Даниел Аврамовски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на својата интернет-страница.
По средбата со Словенија, за Македонија следува и мечот со Казахстан, в петок, во Скопје. Европското првенство почнува на 11 јуни, а Македонија првата средба ја игра на 13 јуни, со Австрија, во Букурешт. Во рамките на групата Ц, Македонија ќе игра и со Украина на 17 јуни во Букурешт и со Холандија на 21 јуни во Амстердам.
Фудбалската федерација на Македонија преку МК тикетс, официјалниот партнер за продажба на билети, од сабота, 29 мај, започнува со продажба на билети за пријателскиот натпревар на македонската репрезентација против Словенија, кој ќе се одигра на 1 јуни на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Влезниците за мечот со Словенија се пуштени во продажба, по цена од 200 и 300 денари. Капацитетот на националната арена „Тодор Проески“ е ограничен на 30 проценти поради мерките за заштита од коронавирусот.