По седмото реми на гости по водство на противникот, овој пат на средбата со Грузија, македонската репрезентација по првите две кола води во групата 2 на лигата Ц

Македонската фудбалска репрезентација е на одличен пат кон нов пласман во повисок ранг во Лигата на нациите откако ремизира, 1-1, на гости кај Грузија, во 2. коло на лигата Ц, иако половина час играше со фудбалер помалку. Со четири бода (во првото коло во Скопје, Македонија ја победи Ерменија, со 2-1), по два меча, црвено-жолтите се на првото место во групата два. Во лигата Б ќе играат првопласираните селекции од четирите групи на лигата Ц. Во првото издание на Лигата на нациите, Македонија беше прва во групата четири на лигата Д.
– Ова беше тежок натпревар за двете селекции, тактички тежок. Во ситуација во која игравме, со фудбалер помалку 30 минути, освоивме еден бод. Им честитам на моите играчи, покажаа карактер. Резултатски, освоивме четири бода, двата меча покажаа дека можеме да играме и во тешка ситуација, со фудбалер помалку.

Задоволен сум, покажавме дека можеме. Сега следуваат полуфиналето во плејофот на Лигата на нациите и подготовката за Косово. Со ваков карактер, сметам дека сме подготвени за најважното во годината – изјави селекторот Игор Ангеловски, пренесе официјалната интернет-страница на Фудбалската федерација на Македонија.
Грузија поведе со голот од пенал на Торнике Окриашвили во 13. минута. Тоа беше 25-от пенал изведен од ривалите на дуел со Македонија, а 18-ти реализиран. Македонија израмни 20 минути подоцна, по убавата акција што со гол ја заокружи Стефан Ристовски (негов втор гол за Македонија).

За Македонија ова беше 18-то реми во 68-от официјален меч на гости (квалификации за европските и за светските првенства и мечеви од Лигата на нациите) и седми на кој македонската репрезентација освојува еден бод по водство на домаќинот. Претходните вакви средби беа со Белгија, Словачка, Италија, Словенија, Израел (сите од 1-0 до 1-1) и со Ерменија (од 2-0 до 2-2). Македонија досега на гости одигра нерешено со четири резултати 0-0, пет други со 1-1 и по еднаш 2-2 и 3-3.


ЛИГА Ц, ГРУПА 2
Грузија – Македонија 1-1
Ерменија – Естонија 2-0

ТАБЕЛА
Македонија 2 1 1 0 3-2 4
Грузија 2 1 1 0 2-1 4
Ерменија 2 1 0 1 3-2 3
Естонија 2 0 0 2 0-3 0
Следни мечеви: Естонија – Македонија, Ерменија – Грузија (11 октомври), Македонија – Грузија, Естонија – Ерменија (14 октомври).