Првпат играме три меча за седум дена и тоа воопшто не е лесно. Одиме на победа без разлика на отсуствата,вели селекторот Ангеловски, пред мечот вечерва Македонија – Грузија, кој е битен во трката за челната позиција во групата, но е и увертира на главниот дуел помеѓу овие две репрезентации, во финалето на плејофот на ЛН, на 12 ноември, во Тбилиси, за пласман на ЕП

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ

Нов, втор меч есенва, меѓу себе треба да одиграат Македонија и Грузија, вечерва во Скопје (арена „Тодор Проески“, од 20.45 часот) во фудбалската Лига на нациите (ЛН), лига Ц, група 2. Овој натпревар е битен во трката за челната позиција во групата, но е и увертира на главниот дуел помеѓу овие две репрезентации, во финалето на плејофот на минатата сезона на ЛН, во Тбилиси, на 12 ноември, за пласман на Европското првенство (ЕП) в година.
– Се надевам на добар резултат, ако победиме ќе бидеме први во групата. Ова е трет меч во низа, во дуелот со Косово се исцрпевме физички и психички, но ќе дадеме сѐ од себе за да ја совладаме Грузија – вели капитенот Горан Пандев.
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, по полуфиналниот плејоф-меч против Косово (2-1) минатиот четврток најави дека нема да калкулира или, пак, да тактизира и оти против Грузија ќе игра со најдобриот состав. На мечот во неделата против Естонија (3-3) Ангеловски направи дури осум измени во почетниот состав, главно за да ги одмори најдобрите. Пред мечот против Грузија, пак, Ангеловски има доста персонални проблеми што значи дека составот повторно ќе претрпи измени, па нема да настапат седуммина. Ангеловски дополнително ги повика Љупчо Дориев, Енур Тотре, Дарко Мицевски и Томе Китановски.

– Атмосферата е позитивна. Анализиран е мечот со Естонија, знаеме каде грешевме и ќе се обидеме да не ги повториме. Одиме на победа без разлика на отсуствата. Првпат играме три меча за седум дена и тоа воопшто не е лесно. Останува со расположивите сили да одиграме најдобро што можеме – вели Ангеловски.
Македонија и Грузија првпат играа меѓу себе на 8 септември годинава и тој меч во Тбилиси заврши без победник, 1-1. По три кола во новиот циклус натпревари во ЛН, Македонија и Грузија имаат по пет бода. Ерменија е трета со четири, а Естонија е последна со еден бод. Првопласираната репрезентација во групата ќе се пласира во повисок ранг, во лигата Б.