Фудбалската репрезентација на Македонија ја забележа првата победа во квалификациите за Светското првенство (СП), совладувајќи го Лихтенштајн со убедливи 5-0 во мечот одигран вечерва на националната арена „Тодор Проески“.
Енис Барди погоди од слободен удар во седмата минута, по слаба реакција на противничкиот голман. Александар Трајковски потоа постигна два гола за три минути на почетокот на вториот дел (51. и 54. минута), а Елиф Елмас ја затресе противничката мрежа во 62-та минута, пред Илија Несторовски да го постави конечниот резултат во 82-та минута од пенал.
„Црвено-жолтите“ на тој начин ја продолжија добрата резултатска низа на домашен терен, од седум средби без пораз во сите конкуренции (шест победи и едно реми).
Во преостанатите вечерашни мечеви од групата Ј во која се наоѓа и Македонија, фаворизираната Германија беше подобра од Романија со 1-0 на гости, а Ерменија го победи Исланд со 2-0 на домашен терен.
Германија и Ерменија имаат по две победи, Македонија и Романија по една победа и пораз, а Исланд и Лихтенштајн по два пораза во досегашниот тек од квалификациите.
Избраниците на Игор Ангеловски в среда гостуваат кај Германија, додека во рамки на истата група Ерменија ја пречекува Романија, а Лихтенштајн е домаќин на Исланд.