Фото: Игор Бансколиев

Македонија, која шансата за пласман на ЕП 2020 ќе ја бара во плејофот во Лигата на нациите напролет, во квалификациите може да биде трета, но зависи од своите и од резултатите на Словенија

Почнувајќи од утре до вторник ќе се играат натпреварите од последните две квалификациски кола за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2020 година, во кои македонската репрезентација има можност да обезбеди пласман што никогаш досега не го остварила – да биде трета во групата.

По мечевите во октомври, веќе се познати шест репрезентации што обезбедија настап во завршницата. Тоа се Белгија, Италија, Полска, Русија, Шпанија и Украина, на кои за неколку дена ќе им се придружат уште 14 репрезентации, вкупно 20. Преостанатите четири селекции ќе бидат познати по одигрувањето на плејоф-дуелите во Лигата на нациите (ЛН) закажани за март следната година.

Шансата да се најде на завршниот турнир на ЕП 2020, преку ЛН, ќе ја бара и Македонија, која во квалификациската група Г, во моментов е трета, зад Полска и зад Австрија. Македонија има шанса овие квалификации да ги заврши како третопласирана, што може да се оквалификува како успех. Во минатите квалификациски кампањи, за ЕП или за светските првенства, највисок пласман на Македонија се четвртите места, а завршуваше и на последното место (на пример, шеста во квалификациите за ЕП 2016).

Гледано во целина, направен е исчекор и третото место би можело да се оквалификува како своевиден напредок. Но и за тоа место ќе треба да се освојат најмалку три бода на двата меча, на гости против Австрија и дома против Израел, а ќе треба да се „погодат“ и резултатите од мечевите на Словенија и на Израел, кои, како и Македонија, имаат по 11 бода. Во случај на ист број бодови со Словенија, предност ќе има Македонија поради подобриот меѓусебен скор (победа со 2-1 и реми 1-1). Истото тоа ќе се случи и со евентуална победа над Израел, па Македонија би имала предност (на гости ремизира 1-1). Ако сите три селекции имаат ист број бодови во групата, тогаш ќе решава мини-табела од меѓусебните мечеви на трите селекции. Во моментов Македонија (гол-разлика 4-3) и Словенија (6-6) имаат по пет бода, Израел (4-5) има два.
Така, Македонија со победа на дуелот со Израел сигурно ќе биде четврта, а трета ќе биде и ако Словенија не освои повеќе бодови од Македонија во последните две кола од овој циклус.

Во другите квалификациски групи, нема(ше) поголеми изненадувања, некои од фаворитите веќе обезбедија место во завршницата или се на најдобар пат да го сторат тоа. Реално, мали се шансите за некакви шокантни исходи, како што би била елиминацијата на актуелниот европски првак Португалија, предводена од Кристијано Роналдо. Тоа значи дека нема да се повтори ЕП 2016 во Франција, на кое ја немаше Холандија или, пак, СП 2018 во Русија, без четирикратниот светски првак, Италија. 


Финска е пред историски, прв пласман на големо првенство

Пред пласман, сензационален, на фудбалското Европско првенство е Финска, сега втора (зад Италија) во групата Ј, со 15 бода, пет повеќе од Ерменија и од БиХ. Финците со победа над Лихтенштајн в петок ќе си обезбедат настап на ЕП, а и со бод доколку БиХ не ја победи Италија. Финска е единствената скандинавска земја што досега ниту еднаш не играла на завршен турнир на ЕП или на СП. Финска го има Тему Пуки, напаѓачот на премиерлигашот Норич, кој во квалификациите постигна седум гола. Селектор на Финска е Марку Канерва, наставник во основно училиште, кој пред 10 години со селекцијата на Финска за фудбалери до 21 година се пласира на завршниот турнир на ЕП.


Првпат ЕП во 12 земји

Натпреварите на 16. Европско првенство (ЕП) што треба да почне на 12 јуни во Рим, а ќе трае до 12 јули 2020 година, со финалето на стадионот „Вембли“, првпат ќе се играат во 12 града и 12 земји во Европа. Ова ЕП ќе биде во знакот на одбележувањето на 60-те години од првото ЕП во 1960 година, кое се одржа во Франција. Ниту една од земјите-домаќини не се квалификува автоматски за ова ЕП. Во иста група (ги има шест) на завршниот турнир ќе можат да се најдат најмногу по две селекции од земјите домаќини. Во следната нокаут-фаза ќе се пласираат двете најдобри репрезентации од шесте групи, плус четирите со најдобар скор, вкупно 16. Ждрепката за составот на групите е закажана за 30 ноември во Букурешт, Романија.


ПЛАСМАНИ НА МАКЕДОНИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИ
ЕП 1996 4 6
СП 1998 4 6
ЕП 2000 4 5
СП 2002 4 6
ЕП 2004 4 5
СП 2006 5 7
ЕП 2008 5 7
СП 2010 4 5
ЕП 2012 5 6
СП 2014 6 6
ЕП 2016 6 6
СП 2018 5 6
ЕП 2020 ? 6
во првата колона е пласманот, а во втората вкупниот број репрезентации во групата


ГРУПА Г
Австрија – Македонија 16.11
Словенија – Летонија 16.11
Израел – Полска 16.11
Македонија – Израел 19.11
Полска – Словенија 19.11
Летонија – Австрија 19.11
ТАБЕЛА
Полска 8 6 1 1 13-2 19
Австрија 8 5 1 2 17-7 16
Македонија 8 3 2 3 10-11 11
Словенија 8 3 2 3 13-8 11
Израел 8 3 2 3 15-15 11
Летонија 8 0 0 8 2-27 0

МОМЕНТНА МИНИ-ТАБЕЛА
Македонија 3 1 2 0 4-3 5
Словенија 4 1 2 1 6-6 5
Израел 3 0 2 1 4-5 2