Во следното издание на ЛН Македонија ќе се натпреварува во лигата Ц, а на денешната ждрепка за составот на групите ќе биде во вториот барабан, во кој се Косово, Белорусија и Кипар

Во Амстердам, Холандија, на тридневниот собир на Европската фудбалска унија (УЕФА), за денеска попладне (18 часот), е закажана ждрепката за составот на групите за второто издание на Лигата на нациите (ЛН). Мечевите треба да се играат во септември, октомври и во ноември годинава, завршните турнири во јуни 2021, а плејофот за опстанок во лигата Ц, во март 2022 година.

Сите земји-членки на УЕФА (55) ќе бидат поделени во четири лиги според нивната позиција на ранг-листата. Лигата А, селекции од 1-то до 16-то место, лигата Б од 17-то до 32-то, лигата Ц од 33-то до 48-то и во лигата Д од 49-то до 55-то место. Во рамките на секоја лига, репрезентациите ќе бидат поделени во две групи за лигата Д, односно во четири за лигите А, Б и Ц.

Македонија во првото издание на ЛН, за сезоната 2018/2019, беше првопласирана во групата Ц во лигата Д, (играше со Ерменија, Гибралтар и со Лихтенштајн) што ѝ обезбеди пласман во лигата Ц и настап во плејофот за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава, против Косово, на 26 март во Скопје, и евентуално против Белорусија или Грузија на 31 март, на гости. Македонија на ждрепката за составот на групите во лигата Ц ќе биде во вториот барабан, со Косово, Белорусија и со Кипар. Во првиот барабан се Грција, Албанија, Црна Гора и Грузија, во третиот Естонија, Словенија, Литванија и Луксембург и во четвртиот Ерменија, Азербејџан, Казахстан и Молдавија. 


ЛИГА Ц, БАРАБАНИ
БАРАБАН 1: Грција, Албанија, Црна Гора и Грузија
БАРАБАН 2: Македонија, Косово, Белорусија и Кипар
БАРАБАН 3: Естонија, Словенија, Литванија и Луксембург
БАРАБАН 4: Ерменија, Азербејџан, Казахстан и Молдавија