Ливерпул сезонава победи 30-ти пат и најбрзо стигна до таа бројка во историјата на Лигата (на 34 меча). Ако забележи уште две победи, новиот првак ќе го израмни рекордот на Сити од 32 победи, во сезоните 2017/2018 и 2018/2019, со уште две на свој терен ќе постави рекорд за најуспешен домаќин, со уште осум бода Ливерпул ќе го израмни англискиот рекорд за најмногу бодови во една сезона…
ФУДБАЛ – ОТКАКО ЈА ОСИГУРИ ТИТУЛАТА ВО АНГЛИЈА
Во англиската фудбалска Премиер-лига, на четири кола до крајот на продолжената сезона, решено е прашањето за новиот првак, тоа е Ливерпул, но останува да биде решено и кои три тима ќе испаднат, кои екипи ќе играат во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) и да се види кои рекорди ќе бидат соборени, на тимски и на индивидуален план.
Ливерпул со триумфот на гости над Брајтон (3-1) ја прокнижи 30-та победа сезонава на 34 меча (најбрзо до 30 победи во една сезона во историјата на Лигата). Ако забележи уште две победи, Ливерпул ќе се израмни со Манчестер сити, кој триумфира на 32 меча во сезоните 2017/2018 и 2018/2019.
Новиот англиски првак е на добар пат да стане и првиот тим што ги добил сите 19 меча дома во една сезона (досега има 17) и да ги надмине Челси, Манчестер јунајтед и Манчестер сити, кои имаат по 18 домашни победи во една сезона. Ливерпул сезонава дома игра уште со Барнли и со Челси. На „црвените“ им се потребни уште осум бода за да го израмнат англискиот рекорд на Сити за освоени бодови во една сезона, 100, од пред две сезони.
Според официјалната интернет-страница на Премиер-лигата, во меѓувреме Ливерпул постави некои други рекорди во Англија, како тим што најрано ја обезбедил титулата (на седум кола пред крајот на сезоната), за најмногу победи по ред дома (рекордот со 21 го постави во февруари), најголема бодовна разлика како лидер (во еден момент 25 бода), најмногу бодови (104) на 38 премиерлигашки мечеви по ред, најдобар старт (61 бод по 21 меч)…
На индивидуален план, се разгорува трката за прв стрелец на сезоната. Мохамед Салах, кој ја освојуваше „златната копачка“ во минатите две сезони, постигна два гола против Брајтон и сега е трет на листата со 19 гола, зад Џејми Варди од Лестер со 22 и Пјер-Емерик Обамејанг од Арсенал со 20 погодока.
Кевин де Брујне од Манчестер сити е „кралот“ на асистентите со 18 досега сезонава (како и пред три сезони), само две помалку од рекордните 20 на Тиери Анри од Арсенал во сезоната 2002/2003.
Кај голманите за признанието „златна ракавица“, конкурираат Ник Поуп од Барнли, ланскиот освојувач Алисон Бекер од Ливерпул и Едерсон од Манчестер сити. Поуп нема примено гол на 14 меча, а Бекер и Едерсон на по13 натпревари.
Манчестер сити забележа 93,7 отсто точни додавања
Манчестер сити на натпреварот од 34. коло во Премиер-лига, против Њукасл (5-0), кого го совлада 11-ти пат по ред на домашен терен, првпат во клупската историја против еден тим постави еден необичен рекорд, имаше 93,7 отсто точни додавања (787 од 840-те). Тоа е најмногу во Премиер-лигата од сезоната 2003/2004, откога „Опта“ бележи вакви статистички податоци.