Првакот има серија од 63 меча без пораз дома, колку што имаше тимот и во периодот од февруари 1978 до јануари 1981 година. Рекордер во оваа категорија е Челси со 86 меча без пораз на свој терен, од 2004 до 2008 година
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Коронавирусот повторно ја блокира Велика Британија, во која од четвртокот до 2 декември во сила е петнеделната забрана за сите спортски активности, освен за елитниот спорт во кој спаѓа и англиската фудбалска Премиер-лига, јасно, со строги ограничувања и зад затворени врати, без публика.
Во такви околности се играа мечевите од седмата рунда во која бранителот на титулата, Ливерпул, успеа да го совлада Вест Хем на домашен терен со 2-1. Со тоа „црвените“ ја продолжија серијата од 63 меча без пораз кога играат на стадионот „Енфилд“ (52 победи и 11 ремија) што датира од април 2017 година и на тој начин го израмнија клупскиот рекорд од времето на менаџерот Боб Пејсли, поставен во периодот од февруари 1978 до јануари 1981 година (49 победи и 14 ремија).
Рекордер во оваа категорија е Челси со 86 меча без пораз дома, во периодот од 2004 до 2008 година или 1.462 дена.
Победата на актуелниот англиски првак Ливерпул му ја донесе новото засилување, Португалецот Диого Жота, што беше трет гол за него на претходните три натпревари. Последен фудбалер на Ливерпул што постигнал три гола на првите три средби играни на стадионот „Енфилд“ беше Шпанецот Луис Гарсија, во 2004 година.