Напаѓачот на Баерн веќе постигна 18 првенствени гола, сезонава има вкупно 27 гола за Баварците или во просек по еден гол на секои 63 минути. Тој засега е најефикасен сезонава во трката за „златната копачка“ на Европа

Нова сезона, но исти, стари имиња во конкуренција за најдобар стрелец во фудбалска Европа, во петте најсилни лиги (Англија, Шпанија, Германија, Италија и Франција) на половината од тековната 2019/2020 сезона. Во минатата сезона признанието му припадна на Лионел Меси, Аргентинецот во дресот на Барселона, кој ја освои третата „златна копачка“ едноподруго, вкупно шеста во кариерата. Но како што ќе одминуваат месеците и натпреварите, „трката“ ќе се интензивира и ќе биде интересно да се види кој ќе биде најефикасен и дали ќе дојде до смена на тронот.

Моментно во врвна форма е Полјакот Роберт Левандовски (31), напаѓачот на Баерн, кој веќе постигна 18 првенствени гола. Вкупно сезонава тој има 27 гола за Баварците или во просек по еден гол секои 63 минути. Доколку Левандовски продолжи со исто темпо, сигурно ќе го надмине личниот рекорд од 43 погодоци во сезоната 2016/2017. Најмногу голови во една сезона, во 2011/2012, постигна Меси, 73, на 60 меча за Барса и за Аргентина.

– Со кого и да разговарате во Баерн, ќе ви каже дека ова е сосема нов Левандовски. Тоа не е повеќе човекот што седи сам, гледајќи во телефонот, можеби сонувајќи за преселба во Реал Мадрид и размислувајќи да изврши притисок врз клубот да го пушти да си замине. По тренинзите тој останува на теренот со некои од помладите напаѓачи и им помага. Тој им помага и на соиграчите на теренот, и повеќе не протестира кога центаршутевите не се најпрецизни. Најверојатно тој е еден од ретките напаѓачи што почнаа да постигнуваат повеќе голови откако станаа помалку себични, што е извонредна трансформација. Мислам дека тој е најдобрата деветка во Европа во моментов. Најблизок до него е Хари Кејн од Тотенхем – вели Рафаел Хонингштајн, познат германски новинар.

Веднаш зад Левандовски, со 17 гола, е Чиро Имобиле (29), напаѓачот на римски Лацио. Трет на листата со 16 гола е Џејми Варди (32) од Лестер, кој игра како во најдобрите денови, од сезоната 2015/2016, кога „лисиците“ ја освоија шампионската титула. Сезонава Варди постигнуваше голови на осум меча едноподруго (пред три години даде 11 во низа, што е рекорд), а според статистиката, 39 отсто од неговите удари на гол завршуваат во противничката мрежа. Во шпанската Ла лига, водечки стрелци, со по 12 гола, се Меси и Карим Бензема од Реал. Овие бројки се под нивните стандарди, но сезоната е долга и нема да биде чудо доколку ги достигнат и престигнат засега поефикасните колеги. Во француската Лига 1, прв стрелец сезонава со 11 гола е Висам Бен Једер од Монако, кој забележа пет победи на последните седум натпревари, најмногу благодарение на головите на Једер. 


Вернер, Вајсман, Холанд…

Сезонава, покрај напаѓачите од петте најдобри лиги, вниманието кон себе го свртеа и двајца фудбалери од австриската Бундес-лига. Тоа се Шон Вајсман од Волфсбергер, четвртопласиран на табелата, кој постигна 17 гола и Ерлинг Холанд од Салцбург (16 погодока). Тимо Вернер, центафорот на Лајпциг има 16 гола, само два помалку од Левандовски, а Камил Вилчек во дресот на данскиот Брондби постигна 17 гола на 20 првенствени натпревари. Но треба да се каже дека постигнат гол во петте најсилни лиги се множи со коефициент два, а за гол во малку послаборангираните со 1,5, а за сите други со еден.