Сите сме тука за да се забавуваме и верувам дека секој ќе каже „каков меч“, вели менаџерот на Челси, по дуелот во кој имаше голови, автоголови, поништени голови, возбудувања, пенали, црвени картони и во кој Челси од 1-4 израмни на 4-4, откако гостите за неколку секунди добија две исклучувања

Вистински фудбалски трилер-натпревар се одигра во Лондон, помеѓу Челси и Ајакс, кој заврши со реми 4-4 и кој долго ќе се памети. Т.н. „класика“ во Лигата на шампионите (ЛШ), еден од најинтересните и највозбудливи, на кој имаше сѐ и сешто – голови, автоголови, поништени голови, возбудувања, пенали, црвени картони…

Ајакс, ланскиот полуфиналист, водеше со 4-1 до 55-та минута и се чинеше дека Челси е пред катастрофа, на работ на амбисот. Но работите се сменија од корен во 68-та минута, при резултат, 4-2 за Ајакс. Тогаш Дејли Блинд направи прекршок над Тами Абрахам, судијата Џанлука Роки дозволи играта да продолжи по што топката во 16-те метри на Ајакс го удри во рака Џеол Велтман и Роки досуди пенал. Потоа на Блинд му покажа втор жолт картон за прекршокот, и веднаш потоа и на Витман за играњето со рака. За неколку секунди Ајакс остана без двајца играчи, плус пенал по кој Челси намали на 3-4. Потоа во последните дваесетина минути настана вистинска бркотница на теренот, Челси напаѓаше, Ајакс се бранеше, но и создаде две шанси и извлече реми.

– Не можам да го објаснам натпреварот, ова беше луда ноќ. Многу работи ќе анализираме подоцна, но сите сме тука за да се забавуваме и верувам дека секој што го гледаше ќе каже „каков фудбалски меч“. Почит за Ајакс, ова беше вистински спектакл – изјави Френк Лампард, менаџерот на Челси.

Во 74-та минута, 19-годишниот Рис Џејмс го постигна израмнувачкиот гол за 4-4 и стана најмладиот (19 години и 332 дена) стрелец за „сините“ во ЛШ. Досега рекордер во оваа категорија беше Арјен Робен, кој во ноември 2004-та на мечот со ЦСКА Москва постигна гол на возраст од 20 години и 284 дена. Во финишот Челси постигна уште еден гол, за 5-4, но тој беше поништен поради играње со рака, по интервенцијата на системот видеопомошник-судија (ВАР).

Она што може да ги радува симпатизерите на Челси е дека станува збор за млад, перспективен состав, кој игра без страв и кому му предвидуваат светла иднина. Челси го заврши мечот со играчи на просечна возраст од 24 години и 183 дена (на првиот натпревар во Амстердам тимот на Челси беше помлад од оној на Ајакс). Челси, кој првпат прими три гола во прво полувреме во ЛШ, е првиот англиски тим, по Ливерпул, во финалето во 2005-та, што успеал да надомести негатива од три гола. Челси третпат во клупската историја и првпат по ремито дома со Ливерпул пред десет години (4-4) прима четири гола на меч во ЛШ. Челси – Ајакс е четвртиот меч во ЛШ што завршува без победник на кој се постигнати најмногу голови, осум. Претходно тоа се случило на дуелите Хамбургер – Јувентус, Челси – Ливерпул и Баер – Рома. 


Холанд собори рекорд на Меси

Младиот Норвежанец, 19-годишниот Ерлинг Холанд, го постигна единствениот гол за Салцбург на мечот против Наполи (1-1) и е првиот фудбалер што на првите четири одиграни меча во ЛШ постигнал седум гола. Аргентинецот Лионел Меси во сезоната 2016/2017 постигна шест гола на првите четири меча. Холанд, кој против Генк постигна три гола, а потоа по еден со Ливерпул и со Наполи, е четвртиот играч во историјата на ЛШ што постигнува голови на првите четири натпревари, односно втор тинејџер, по Французинот Килијан Мбапе, со таков ефект.