Фудбалерот Филипе Кутињо, кој во јануари премина од Ливерпул во Барселона за 142 милиони фунти, ќе биде меѓу оние кои ќе добијат медал од англискиот клуб по финалето на Лигата на шампионите (ЛШ).
Бразилскиот фудбалер сакаше да си замине од „Енфилд“ уште минатото лето, но трансферот му беше одобрен дури на крајот од јануари. Поради настапот за Ливерпул не можеше да игра за Барселона во нокаут фазата од ЛШ.
Кутињо настапи на пет натпревари за Ливерпул во ЛШ и постигна пет голови. Во последниот натпревар од групната фаза реализираше хет-трик против Спартак Москва.
Од англискиот клуб соопштија дека Кутињо ќе добие медал, бидејќи сметаат дека неговото учество во групната фаза и пред тоа во квалификациите било забележително.
Клубот, кој ќе ја освои Лигата на шампионите, ќе може да подели 40 златни медали, додека поразениот ќе има на располагање 30 сребрени медали.
Ливерпул вечерва ќе се сретне со актуелниот двократен европски првак Реал, во финалето на ЛШ во Киев (20.45 часот).