Францускиот фудбалски репрезетативец Кингсли Коман (24) беше стрелец на одлучувачкиот гол во вечерашното финале на Лигата на шампионите (ЛШ) со кој Баерн го совлада неговиот матичен клуб Пари Сен Жермен со 1-0, оставајќи ги „светците“ без вредниот трофеј, а Франција без нов европски првак. Тој го совлада Кејлор Навас со удар со глава по нафрлување од Џошуа Кимих во 59-та минута.
Одличниот крилен играч го прослави погодокот во 59-та минута, што не е вообичаена реакција на фудбалери кои се стрелци против клубовите од кои потекнуваат, дури ниту против тимовите за кои настапувале во текот на кариерата.
Но Коман и пред финалето во Лисабон инсистираше дека тоа не е дуел помеѓу него и поранешниот клуб, туку помеѓу Баерн и ПСЖ. Францускиот репрезентативец одигра три меча за екипата од Париз во 2013 година пред да замине во италијански Јувентус, а потоа и во Баерн. Талентираниот фудбалер досега во кариерата освои вкупно 20 трофеи.
Тој стана петтиот Французин што постигнал гол во финале на ЛШ, по Карим Бензема (2018 година), Зинедин Зидан (2002), Марсел Десаи (1994) и Басил Боли (1993).
Ѕвездата на Баерн ја остави и Франција без нов европски првак. Досега Олимпик Марсеј е единствениот француски клуб што ја освоил ЛШ (во 1993 година), додека во финалните средби двапати беше поразен Ремс (во 1956 и 1959), а по еднаш загубија Сент Етјен (1976), Марсеј (од Црвена звезда на Дарко Панчев и на Илија Најдоски во 1991 година), Монако (2004) и ПСЖ со вечерашниот пораз. М.Ж.