Во седмото коло во петте најквалитетни европски лиги, Англија, Шпанија, Германија, Италија и Франција, се одиграа неколку дерби-натпревари на кои беше прикажан квалитетен фудбал.
На стадионот „Стамфорд бриџ“ во Лондон, Челси и Ливерпул ремизираа 1-1, по што и натаму се без пораз, со по пет, односно шест победи. Еден Азар го постигна водечкиот гол за Челси во 25-та минута, а Ливерпул израмни со прекрасниот удар, од 25 метри, на Даниел Стариџ во 89 минута. Азар е водечкиот стрелец во Премиер-лигата, со шест гола од девет упатени удари. Тој постигнува гол на 38 меча во Премиер-лигата на домашен терен, на кои неговиот тим ниту еднаш не бил поразен, забележувајќи 34 победи и четири ремија. Стариџ го даде 50-от првенствен гол за „црвените“, а повеќе од него имаат дадено Роби Фаулер, Стивен Џерард, Мајкл Овден, Луис Суарез, Фернандо Торес и Дирк Кујт.
На стадионот „Сантјаго Бернабе“ во Мадрид, големите градски ривали, првакот на Европа, Реал, и победникот во Лига Европа, Атлетико, одиграа без голови, 0-0, само третпат во последните 20 години (на „Бернабе“ последен пат во 2005-та).
Во Италија, во Серија А, се одиграа два дерби-дуела. Актуелниот првак Јувентус беше подобар од вицепрвакот Наполи, 3-1, и по седум кола има максимален ефект, плус една победа во ЛШ (над Валенсија на гости со 2-0), што е најдобар почеток на сезоната за „старата дама“ по 1930/1931.
Во 171-та римска пресметка (првиот меч е одигран во 1929 г., со победа на Рома, со 1-0), Рома го совлада Лацио со 3-1 и наедно има подобар скор, 65 победи, 45 порази и 61 реми.
Во германската Бундес-лига, Борусија Дортмунд го совлада Баер Леверкузен на гости со 4-2, по што по шест кола е на водечката позиција со 14 бода, еден повеќе од Баерн. Два гола за Борусија даде младиот, 18-годишен Англичанец Џејдон Санчо, вкупно пет за него сезонава.