Одвреме-навреме почнувам дискусија, но тогаш велат „тој бара изговори“. Не, особено не за мене, но мора да размислиме за овие работи и никој, особено во Англија, не размислува за тоа. Не знам зошто почнуваме толку рано. Премиер-лигата е толку прекрасен производ. Нема смисла, рече Клоп
Менаџерот на европскиот фудбалски првак Ливерпул, Јирген Клоп вели дека „нема смисла“ тоа што англиската Премиер-лига почнува пред другите лиги од т.н. „лига петка“, пишува Би-би-си. „Црвените“ ја почнуваат сезоната в петок, дома со Норвич. Врвните дивизии во Германија и во Шпанија почнуваат една недела подоцна, а италијанската Серија А на 24 август – во лигите во кои има по 20 екипи (во германската Бундес-лига играат 18 тима).
– Не знам зошто почнуваме толку рано. Премиер-лигата е толку прекрасен производ. Нема смисла – рече Клоп.
Премиер-лигата одби да коментира, но во однос на генералниот распоред ги зема предвид меѓународните датуми на ФИФА и на УЕФА, а датумите на ФА-купот и на Лига-купот и сето тоа е подоцна одобрено од клубовите. Премиер-лигата првпат воведе и кратка зимска пауза во февруари.
ФИФПРО, светското здружение на фудбалери, вели дека здравјето на врвните фудбалери е „изложено на ризик“ и повика на „задолжителни паузи од четири недели“ помеѓу две сезони.
Претсезоната на „црвените“ е попречена од доцното враќање на клучните играчи, Алисон Бекер, Роберто Фирмино и Мохамед Салах, кои имаа меѓународни обврски со репрезентациите, а Садио Мане ќе се врати следната недела, откако играше во финалето на Купот на нациите во Африка. В година, пак, ќе има две големи континентални првенства, Европското и Копа Америка.
– Го сакам фудбалот. Можеме да играме секоја недела, но некој мора да размислува за играчите и никој не го прави тоа. Одвреме-навреме почнувам дискусија, но тогаш велат „тој бара изговори“. Не, особено не за мене, но мора да размислиме за овие работи и никој, особено во Англија, не размислува за тоа – вели Клоп за Би-би-си.