Фудбалерите на Челси се пласираа во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) совладувајќи го Атлетико Мадрид со 2-0 на домашен терен (вкупен резултат од 3-0 во двомечот), со што му овозможија на Томас Тухел да ја оствари најдолгата низа без пораз за еден менаџер по преземање на клубот од „Стамфорд бриџ“.
Сините немаат пораз на 13 средби под водство на германскиот стратег во кои забележаа девет победи и четири нерешени средби со гол-разлика 15-2. Особено импресивна делува одбраната на Челси која не прими гол на 11 од тие дуели. Тухел кој минатата сезона со ПСЖ стигна до финалето на ЛШ, го предводи лондонскиот клуб од 26 јануари по смената на Френк Лампард.
Актуелниот европски првак Баерн во вториот вечерашен меч повторно беше подобар од Лацио, овој пат со 2-1, откако славеше во 4-1 во првиот дуел.
Челси (првпат во четврт-финалето на ЛШ по сезоната 2013-2014) и Баерн им се придружија на Реал Мадрид, Борусија Дортмунд, Пари Сен Жермен, Порто, Ливерпул и Манчестер сити меѓу осумте најдобри екипи во ЛШ. Ждрепката за четвртфиналните двојки ќе се влече в петок од 12 часот.