Броди, Видоусон и Колман ќе бидат запаметени по трајните иновации што го сменија фудбалот и го издржаа тестот на времето, измислувајќи ги мрежите на головите, штитниците за потколеници и засолништата покрај теренот за тренерите и за резервните фудбалери, пишува британскиот весник „Гардијан“
Мрежите на головите, штитниците за потколеници, како и засолништата (местата за тренери и за резервни фудбалери) покрај теренот сега се неизбежен дел од „мебелот“ во фудбалот, но своевремено тоа беа радикални иновации. Броди, Видоусон и Колман може да звучат како адвокатска фирма, но овие три имиња треба да бидат запаметени по трајните иновации што го сменија фудбалот и го издржаа тестот на времето, пишува британскиот весник „Гардијан“.
МРЕЖИ НА ГОЛОВИТЕ
Не постојат многу поестетски и повозбудливи глетки на фудбалски меч од она кога топката завршува во мрежата. Без разлика дали станува збор за раскошен волеј-удар од надвор од шеснаесетникот или од непосредната близина, мрежата е таа што дополнително го разубавува постигнатиот гол. Но да не беа генијалноста и практичноста на еден викторијански инженер од Ливерпул, можеби немаше да уживаме во задоволствата топките да завршуваат во мрежата.
Првите фудбалски правила објавени во 1863 година предвидуваа головите да бидат широки 7,32 метри, пречката е воведена подоцна, првично како лента, во 1866 година, а во 1882 година се стави цврста пречка. Мрежите на головите дојдоа неколку децении подоцна, благодарение на Џон Александер Броди, кој ја дизајнира првата обиколница во Велика Британија, тунелот „Мерси“ (најдолгиот подводен тунел на светот во тоа време) и голем дел од архитектурата во Њу Делхи. Во октомври 1889 година, Броди, инаку навивач на Евертон, отишол да ја гледа својата екипа на „Енфилд“ (во тоа време домашен терен на Евертон).
Евертон постигнал гол и се мислело дека е победник, но, никој не беше сигурен дали топката поминала помеѓу стативите, па затоа немало победник. Броди бил толку огорчен и решил да се обиде да најде решение. Додека си заминувал од стадионот, ги ставил рацете во џебовите од панталоните и на тој начин се родила идејата за создавање „џеб во кој ќе може да се смести топката откако ќе помине низ целта“. Броди морал да работи на најразлични дизајни на мрежата. Една од револуционерните идеи била да се закачат ѕвона на мрежите за да се активираат кога топката ќе ги допре, најран прототип на современата „технологија за гол-линијата“, пишува „Гардијан“.Следната година тој го патентирал изумот, а мрежата успешно го поминала тестот на меч во Нотингем. Сигурно чувството на задоволство кај Броди било уште поголемо поради фактот што првиот гол го постигнал играчот на Евертон, Фред Гери. Натпреварот го судел Сем Велер Видоусон, човекот што ќе ги измисли штитниците за потколениците. За една година, мрежите биле вклучени во правилата на ФА. Првпат ги имало на головите во финалето на ФА-купот во 1891 година, а од следната сезона биле задолжителни.
ШТИТНИЦИ НА ПОТКОЛЕНИЦИТЕ
Видоусон бил одличен фудбалер, еден од најпознатите во тоа време во Англија, дриблер со прекрасен шут, кој наводно трчал 100 јарди (91,4 метар) за 10,25 секунди. Како и неговиот современик Броди, и Видоусон создаде парче фудбалска опрема што трае до сегашно време. Разликата е во тоа што изумот на Видоусон беше адаптација од друг спорт, од крикетот, со кој тој се занимаваше и се инспирира за штитниците за потколеници на фудбалерите. Во 1874 година Видоусон се појави со идејата фудбалерите да користат помали верзии на подлоги за крикет за да се ублажат ударите. Првично тие се носеа над чорапите и Видоусон. И покрај тоа што повеќето играчи ги носат повеќе од еден век, ФИФА дури од 1990 година ги воведе како дел од задолжителна опрема.
Ова не беше единствената иновација на Видоусон. Тој, исто така, експериментираше и со рефлектори, користејќи гасни ламби на натпревари. Во своите денови како судија, тој беше поборник на употреба на свирчето, кое беше воведено како замена за белото знаме, претходно користено за да привлече внимание на одлуките на судијата.
ЗАСОЛНИШТЕ ЗА ТРЕНЕРИТЕ И ЗА РЕЗЕРВНИТЕ ФУДБАЛЕРИ
Уште едно име што треба да се додаде во галеријата на раните фудбалски иноватори е Доналд Колман, чие оригинално презиме е Канингам. Неговиот ентузијазам за играње фудбал не го одобрувал неговиот татко, па затоа Доналд го зел моминското презиме на својата баба. Колман имал долга и разновидна фудбалска кариера. Почнал како аматер, потоа станал професионалец и кариерата ја завршил на 47-годишна возраст, но претходно се интересирал и за тренерскиот занает. Неговата тренерска филозофија била далеку пред времето. Колман инсистирал на игра со голем посед на топката и со играчи што создаваат простор со трчање без топка, стил што може да се смета за претходник на познатата тики-така.
Длабоко посветен на фудбалот тој сакал да научи што повеќе, па неколку сезони бил тренер на норвешкиот Бран каде што дошол до идејата дека е потребно посебно место за резервните играчи и за тренерите. Во Скандинавија, Колман забележал дека тренерите испраќаат пораки до играчите од отворени простори покрај теренот. Тој тогаш дошол до идеја дека е подобро тоа да биде покриено „засолниште“ од каде што ќе може да се да го проучува движењето на играчите, на ниво на очите.
Кога бил назначен за тренер на Абердин во 1931 година, Колман ја реализирал идејата за „засолниште“, прво на професионално фудбалско игралиште. Покривот над неговата глава му овозможил белешките што ги водел за време на мечот да останат суви. Засолништата набргу станале вообичаени и нивниот обем се проширил за да се сместат повеќе играчи и тренери. Со зголемувањето на бројот на луѓето што ги користат, засолништата беа преместени над теренот, а во 1993 година, беа заштитени и со прописите за фудбалската игра, бидејќи ФИФА ги означи како техничката зона, со јасно обележани места за секој тим.
Колман беше вистински фудбалски човек, ги дизајнира и своите копачки. Неговата љубов кон играта се пренесува и преку неговото семејство. Неговата правнука, Рејчел Корси, е капитенка на женската репрезентација на Шкотска.