ЏОРДАН ХЕНДЕРСОН, КАПИТЕН НА ЛИВЕРПУЛ
Тоа беше како некаков тобоган, да бидам искрен. Од една страна го реализирав тоа што го сонував целиот мој живот. Но во поинакви околности во надворешниот свет, кога луѓето страдаа. Но и покрај сѐ, чувствувам дека многу позитивни работи излегоа, мислам дека научивме многу како луѓе во овој период и се надевам дека 2021 година ќе биде малку попозитивна и ќе можеме да почнеме да ги враќаме работите во некоја нормалност, вели Хендерсон
Многу работи ни предочи за размислување во перспектива, не само мене туку и на сите. Но мислам дека семејството и здравјето се најважни, вели за 2020 година, капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон, во ексклузивното божиќно интервју за „Скај спорт“.
Хендерсон (30) во 2020 година влезе како победник во Лигата на шампионите, а ја завршува како шампион во Премиер-лигата. Тоа беше година како ниту една друга во однос на спортските достигнувања за англискиот репрезентативец. Но пандемијата на коронавирусот, за него и за многумина, значеше нова, крајно неочекувана реалност.
Каква беше 2020 година за вас?
– Тоа беше како некаков тобоган, да бидам искрен. Од една страна го реализирав тоа што го сонував целиот мој живот. Но во поинакви околности во надворешниот свет, кога луѓето страдаа, и јас разбрав дека има многу поважни работи од фудбалот. Но и покрај сѐ, чувствувам дека многу позитивни работи излегоа од тоа. Мислам дека научивме многу како луѓе во овој период и се надевам дека 2021 година ќе биде малку попозитивна и ќе можеме да почнеме да ги враќаме работите во некоја нормалност.
Како беше кога конечно во рацете го држевте трофејот?
– Неверојатно чувство. Но без гледачи беше разочарувачки, и за нас и за нив. Сепак, беше неверојатно чувството да се крене трофејот што сите толку долго го посакувавме. Тоа се посебни чувства што ќе живеат со нас засекогаш.
Дали вашите достигнувања ги надминаа соништата од детството?
– Да, секако. Како дете сонував да играм во Премиер-лигата, во Лигата на шампионите и за Англија. Можноста да го правам тоа е чест за мене и големо задоволство, бидејќи секој ден го работам тоа што го сакам. Неверојатно е што сѐ освоивме претходниве неколку години, Лигата на шампионите, Премиер-лигата, Суперкупот на УЕФА и клупското Светско првенство. Патот досега беше добар, имаше многу подеми и падови, но уживав во секоја минута и се надевам дека ќе има уште многу убави работи во иднина.
Треба да се фокусираме на тоа што можеме да го контролираме
Колку ќе биде тешко за Ливерпул да ја одбрани титулата?
Многу тешко. Знам дека ќе биде така. Тешко е да освоите нешто, а да го задржите е уште потешко, но тоа го знаевме уште во почетокот од сезонава. Има и други тимови што напредуваат, играат добро и ќе бидат конкурентни до крајот на сезоната, сигурен сум во тоа. Очигледно, сезонава ќе биде уникатна поради она што се случува со пандемијата. Но станува збор за тоа да се фокусираме на она што можеме да го контролираме и да тренираме колку што можеме понапорно, да бидеме фокусирани на тоа што сакаме да постигнеме и кога играме да дадеме сѐ за да ги освоиме трите бода. Тоа е она што се обидуваме и го правиме на секој меч, без разлика за кое натпреварување станува збор. Тоа нѐ стави во добра позиција во текот на изминатите неколку години, па треба само да продолжиме така и да видиме каде ќе бидеме на крајот на сезоната – вели капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон за „Скај спорт“.