Тој се смета за голем фудбалски експерт, еден од најдобрите тренери и менаџери што Германија ги произвела во последните 15-20 години. Рангник честопати се наведува и како инспирација на најдобрите германски тренери во моментов, како Јирген Клоп, Томас Тухел, Јулијан Нагелсман и други

ФУДБАЛ – КОЈ Е РАЛФ РАНГНИК, НОВИОТ ПРИВРЕМЕН МЕНАЏЕР НА МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

Германецот Ралф Рангник (63), кој во моментов е задолжен за фудбалски, но и за други организациски работи во Локомотив Москва, најверојатно ќе биде новиот привремен менаџер до крајот на сезоната на Манчестер јунајтед, кој пред неколку дена му даде отказ на Оле Гунар Солскјер.
Кој е Ралф Рангник, во Германија познат и под прекарот Професор? Тој се смета за голем фудбалски експерт, еден од најдобрите тренери или менаџери што Германија ги произвела во последните 15-20 години. Рангник честопати се наведува и како „кум“ на модерната пресинг-игра и инспирација на повеќето најдобри германски тренери во моментов, како Јирген Клоп, Томас Тухел, Јулијан Нагелсман и други. Импресивната тренерска репутација, Рангник ја стекна во Штутгарт, Хановер, Хофенхајм, Шалке и во Лајпциг.
– Неговиот фудбал е многу директен, со многу пресинг, контрапресинг, фудбал со висок интензитет. Многу е јасен, директен и што е најважно, сѐ што прави е со јасна цел. Очекува многу од играчите, но и од себе и мислам дека би можел да биде следниот Германец што ќе остави голем печат и свое наследство во иднината на еден клуб – вели Луц Фаненштил, спортскиот директор на американскиот Сент Луј, кој има работено со Рангник во Хофенхајм.

Рангник вниманието врз себе во Германија го сврти во декември 1998 година, кога како тренер на тогаш новиот второлигаш Улм загуби само еден од првите 18-те меча во сезоната и беше на лидерската позиција. Новинските аналитичари го нарекоа тоа „триумф на системот“, фалејќи го тимот дека игра како „светски шампион“. По успехот во Улм, тој оди во Штутгарт, првата поголема работа каде што лично го ангажирал младиот Томас Тухел за тренер на младинските тимови. Следните два ангажмана му се во Хановер и во Шалке, каде што за време на осуммесечната работа ќе ги освои второто место во Бундес-лигата и првиот голем трофеј, Купот на Германија. За вистински да ги покаже своите таленти како визионер, Рангник мораше уште еднаш да се спушти на третото ниво во германскиот фудбал, преземајќи го Хофенхајм во 2006 година, со кој ја стресе Бундес-лигата со новата тактика „гегенпресинг“, концепт на висок пресинг и контранапади во секоја пригода и со паметно ангажирање млади играчи со голем потенцијал. Во петтиот меч, Хофенхајм ја растури Борусија Дортмунд (4-1). „Таков фудбал сакам да играме еден ден“, изјави по тој меч Јирген Клоп, четири години пред применетата тактика на Рангник да ја одведе Борусија до финалето на ЛШ во 2013 година.

Рангник девет години работеше во Салцбург и во Лајпциг, кои се во сопственост на групацијата „Ред бул“. Без разлика дали станува збор за Наби Кеита, Садио Мане, Тимо Вернер, Ибрахима Конате или Ерлинг Холанд, Рангник може да тврди дека открил некои од најдобрите играчи во моментов. Низ тренерските академии во неговите клубови, минале повеќе од пет актуелни главни тренери на тимови во Бундес-лигата. Тухел и менаџерот на Саутемптон, Ралф Хасенхатл, можат да му се заблагодарат за нивните кариери.


Инспирација Динамо Киев на Лобановски

Фудбалската филозофија на Рангник влече корени од февруари 1983 кога тој на 25-години, како играч-тренер на шестолигашот Викторија Баднанг, играл пријателски меч со Динамо Киев на Валериј Лобановски. Пресинг-играта на Динамо било „фудбалско просветлување“ за Рангник, филозофија што подоцна тој ќе ја спроведе во низа клубови.
– Кога по неколку минути игра топката излезе во аут, морав да застанам и да ги бројам противничките играчи. Тогаш првпат почувствував како е да се соочиш со тим што систематски врши пресинг на топката. Имав играно против големи тимови, но тие барем ни даваа малку време да здивнеме, шанса да „застанеме на топката“. Против Динамо се чувствував постојано под притисок 90 минути – се потсетува Рангник, кој на сите тренинзи присуствувал со пенкало и бележник в рака.