Засега, во однос на првиот дел од сезоната во Лигата на шампионите (ЛШ), нови играчи нема во девет тима, и тоа Реал Мадрид, Пари сен Жермен, Порто, Манчестер сити, Ливерпул, Борусија Дортмунд, Челси, Баерн и Барселона

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

На еден ден до истекот на зимскиот преоден рок, осуммина нови фудбалери има меѓу 16-те тима во осминафиналето на Лигата на шампионите. Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница објави податоци за трансферите на осминафиналистите во овој преоден рок, според кои нови фудбалери засега, во однос на првиот дел од сезоната во Лигата на шампионите (ЛШ), нема во девет тима, и тоа Реал Мадрид, Пари сен Жермен, Порто, Манчестер сити, Ливерпул, Борусија Дортмунд, Челси, Баерн и Барселона.
Според британскиот дневен весник „Гардијан“, кој има интерактивна страница со која ги бележи сите трансфери на фудбалерите во најсилните пет европски домашни првенства (во Англија, Франција, Италија, Германија и во Шпанија), до вчера се направени 269 трансфери, вкупно вредни околу 208 милиони фунти.
Од тоа, во Премиер-лигата на Англија се направени 103 трансфери, со вкупна вредност од околу 76 милиони фунти, во Серија А во Италија 72, за околу 77 милиони, во Лига 1 во Франција 35, за околу 31 милион, во Бундес-лигата во Германија 46, за околу 49 милиони, и во Ла лига во Шпанија 37, за околу 15 милиони фунти.