Можно е евентуално играње натпревари на „одобрени“ стадиони, што сугерира дека е можно да не се користат сите стадиони, односно да се игра на неутрални места, за да се создаде што е можно повеќе стерилна средина

AНГЛИЈА

Премиер-лигата пресметала дека се потребни минимум 300 луѓе за одигрување на фудбалските натпревари зад затворени врати. Во таа бројка, 210 се сметаат за официјални лица, иако точните бројки на директори, клупски претставници, лица за безбедност и стјуарди, персонал за одржување на теренот и други уште не се утврдени пред, како што се очекува, рестартирање на шампионатот на 8 јуни, објави британскиот весник „Телеграф“.
Дополнителните 90-100 лица се темелат на примерот на германската Бундес-лига, со што бројката би достигнала најмалку 300 луѓе по натпревар. Ако мечот директно се пренесува на ТВ, таа бројка ќе порасне за 23.

Покрај нив ќе има и седумдесетина стручни лица што би имале пристап во областа околу стадионот, но не и на самиот стадион. Премиер-лигата веќе одржа детални разговори со 20-те клуба за минималниот и за максималниот број луѓе на кои треба да им се дозволи пристап на стадионот за време на мечевите, доколку продолжат. Се верува дека максимумот е околу 500 луѓе.
Тестирањето, физичкото растојание и хигиената исто така ќе бидат битни за враќање на „фудбалот во акција“, иако сето тоа зависи од Владата, која би требало да ги намали ограничувањата, кои се во сила до 7 мај. Продолжувањето со тренинзите се планира на три недели пред најавениот рестарт на 8 јуни.

Но се очекува клубовите да го сторат тоа порано, во строго контролирано опкружување, со играчи што ќе одат на тренинзите облечени од дома, држејќи се на растојание кога паркираат и кога ќе тренираат самостојно. Премиер-лигата планира и евентуално играње натпревари на „одобрени“ стадиони, што сугерира дека е можно да не се користат сите стадиони, односно да се игра на неутрални места за да се создаде што е можно повеќе стерилна средина. Врз играчите ќе се вршат дополнителни здравствени проверки, при влезот на стадионот преку скенери за температура. Ќе нема ракувања пред натпреварот, со минимално задржување на стадионот по натпреварот.