Лајп­циг е фор­ми­ран во 2009 го­ди­на со ре­брен­ди­ра­ње­то на ло­кал­ни­от клуб Мар­кан­штад

Аутсајдерот Лајпциг првпат е меѓу најдобрите четири во Лигата на шампионите, по триумфот во четврт-финалето над Атлетико со 2-1

Германски Лајпциг го направи првото големо изненадување на завршниот мини-турнир во Лигата на шампионите (ЛШ) во Лисабон, елиминирајќи го шпански Атлетико, двократниот европски вицепрвак од 2014 и 2016, со 2-1. Лајпциг поведе со голот на Дани Олмо во 50-та минута, Атлетико израмни преку Жоао Феликс во 71-та минута од пенал, а победоносниот, втор гол за Лајпциг го даде американскиот интернационалец Тејлор Адамс во 88-та минута. Противник на Лајпциг во полуфиналето ќе му биде францускиот ПСЖ.
За Лајпциг, кој првпат е во нокаут-фазата во ЛШ, ова е и прв пласман меѓу најдобрите четири тима во ова натпреварување во кратката 11-годишна историја! Лајпциг е формиран во 2009 година со ребрендирањето на локалниот Марканштад, по што почна да се натпреварува во петтата регионална лига во Германија. Во 2016 година конечно стигна до Бундес-лигата, како прва екипа од источниот дел на Германија, по испаѓањето на Енерџи Котбус во 2009 година.

Рапидниот подем на Лајпциг се должи на огромните инвестиции на австрискиот милијардер Дитрих Матешиц, газдата на концернот за енергетски пијалоци, „Ред Бул“. Но не се само парите на Матешиц пресудни за успесите на Лајпциг, туку доброто работење и инвестирање во сите сегменти, пред сѐ, во развојот на младите таленти. Како пример се зема фактот дека на четвртфиналниот меч најскап играч на Лајпциг на теренот беше Кевин Кампл, за кого беа платени 20 милиони евра, а на Атлетико, Жоао Феликс, 126 милиони. Друг пример е Наби Кеита, фудбалерот на Ливерпул, кој беше купен за 27, а продаден за повеќе од 50 милиони евра. Во моментов еден од најбараните дефанзивци во Европа е центархалфот на Лајпциг, Дајот Упамекано.
Големи заслуги за последните успеси на Лајпциг има и Јулијан Нагелсман (33), најмладиот тренер, полуфиналист во ЛШ, за чии услуги се заинтересирани повеќе врвни европски клубови, кои во него го гледаат следниот Јирген Клоп.
– Mожеби сум еден од најсреќните тренери во светот. Овој клуб се развива побрзо од вообичаеното. Стигнавме до Бундес-лигата и трипати се квалификувавме во ЛШ и сè уште сме во неа – изјави Нагелсман, по победата над Атлетико.

Но подемот на клубот се поврзува со доаѓањето на Ралф Рагник и на Жерар Улие, поранешен селектор на Франција и менаџер на Ливерпул во 2012-та, како главни за фудбалските операции на Лајпциг кога клубот беше во четвртата лига.
Лајпциг има голема навивачка база во градот и во околината, но е далеку од омилен. Навивачите на другите клубови и во другите делови од Германија не го сакаат, најмногу поради парите на Матешиц со кои сметаат дека е „купен“ успехот на „најомразениот германски клуб“. Ова доаѓа оттаму што во Германија навивачите генерално го поседуваат мнозинството акции во клубовите (50+1), што не е случај и со Лајпциг.
Лајпциг настапува на арената „Ред Бул“, поранешен Централен стадион со капацитет од 43.000 места, изграден за потребите на Светското првенство (СП) 2006 година. Лани на домашните натпревари на Лајпциг во просек имало по 38.800 гледачи, а пред десетина години, во четвртата лига околу 3.500.


Сити е фаворит, но и Лион има адути

Во последниот четвртфинален дуел, вечерва се среќаваат Манчестер сити и Лион. Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, ќе се обиде да стави крај на речиси децениско чекање на уште една титула во ЛШ, откако минатата сабота го елиминира 13-кратниот шампион Реал предводен од Зинедин Зидан.
Во минатата деценија Сити освои четири титули во Премиер-лигата, но во ЛШ најдобриот ефект му е пласманот во полуфиналето во 2016 година. Но сега „синиот“ тим од Манчестер важи за голем фаворит во мечот против Лион и е меѓу главните кандидати за кревање на трофејот на 23 август.

Напаѓачот Серхио Агуеро најверојатно ќе го нема во составот поради повреда на коленото, но тука е Габриел Жесус, кој даде пет гола на последните седум меча во негово отсуство, а во ЛШ сезонава постигна шест гола, плус три асистенции.
Сити се среќава со Лион, од кого загуби четири од шесте бода лани во групната фаза. Лион игра дисциплинирано, цврсто и се надева на успех во Европа по мизерната, скратена домашна кампања во која го освои седмото место. Сепак, долгата пауза му овозможи на клучниот човек Мемфис Депај да закрепне од повредата на лигаментот на коленото и да му помогне на Лион да го елиминира Јувентус во осминафиналето. 


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
ПСЖ – Аталанта 2-1
Лајпциг – Атлетико 2-1
синоќа
Барселона – Баерн
вечерва
Манчестер С. – Лион

ПОЛУФИНАЛЕ
Лајпциг- ПСЖ, вторник
Барселона/ Баерн – Манчестер С./Лион, среда
ФИНАЛЕ, недела, 23 август